Инспиратор и финансиер на параполициска воена формација составена од радикални националисти – ваква причина навеле безбедносните стуктури за да го следат премиерот Христијан Мицкоски. За време на техничката Влада во 2020 година, Мицкоски бил следен во чекор, и не само тој туку и неговата сопруга и двата сина. Она што дополнително го зголемува сомнежот е дека следењето на лидерот на тогашната најголемата опозициска партија е непосредно пред парламентарните избори.
- „Она што е интересно од тоа што можам да го кажам и да го споделам со јавноста е дека овие списи, извештаи или како да ги наречам дебрифинзи, се креирани на почетокот на 2020 година кога е изборна година. Замислете, една од безбедносните агенции, од оправдани причини нема да кажам која е, располага со вакви информации во кои што јас инспирирам, финансирам и организирам вакви терористички структури вооружени, а притоа не го информирала МВР. И се поставува прашањето зошто не го информирала. Одговорот е јасен, затоа што тоа беше техничкиот период и тогаш технички министер беше г. Наќе Чулев, зборувам во 2020 година. Ова било само начин преку монтажа да се обезбеди физичко покривање на лидерот на најголемата политичка партија во тој момент – ВМРО-ДПМНЕ“ рече Мицкоски.
Премиерот за оваа тема разговарал и со републичкиот јавен обвинител Љупчо Коцевски, сега вели останува да видиме дали гласот ќе допре до нив и ќе постапат. А за да запрат ваквите злоупотреби, Мицкоски најави дека Владата се подготвува за спојување на АНБ и Агенцијата за разузнавање.
- „Таа процедура нема да биде брза и се разбира нема да биде јавна. Кога ќе биде се’ завршено, а за тоа треба време, ќе биде јавна, ќе има јавна дебата, ќе можат експертите да ги дадат своите мислења. Но, ние се подготвуваме на оваа реформа бидејќи оваа реформа најголемиот дел од НАТО земји ја имаат направено, од соседството таква е во Словенија, во Хрватска итн. Така што, да бидеме трпеливи затоа што сепак станува збор за системот за разузнавање и контраразузнавање на државата“, рече Мицкоски
„Цилиндар“ и „Џокер“ се кодните имиња на измислените лица кои, според премиерот, се креирани од разузнавачките служби, во пресрет на изборите во 2020 година, кога беше во опозиција, со цел да создадат алиби за негово следење. Дури и семејството на Мицкоски било на мета: Безбедносните служби ги следеле секој нивен чекор, со цел да создадат атмосфера на страв и подложност, во време кога ВМРО-ДПМНЕ беше во опозиција.
