Реклама
Македонија

Лотарија го направи Груби бегалец, но мешетарењето во судските случаи може да му ја запечати судбината

На бегалецот Артан Груби на глава не му тежи само криминалот во…

Сподели:
Фото: Алфа Вести

На бегалецот Артан Груби на глава не му тежи само криминалот во државната лотарија. Наскоро може да се соочи и со нова кривична пријава поради тоа што земал мито и за влијанијата кои ги правел врз судскиот предмет за прислушувањето, за што заврши на американската црна листа. Тоа што преку океанот го видоа како незаконско, и македонското обвинителство го истражува. За да се најдат докази дека Груби заедно со судијата Енвер Беџити биле во коалиција за да местат судски одлуки, обвинителите чешлаат документација од Судскиот совет.

„Истражител од Истражниот центар на ОЈО Скопје ја презеде од Судскиот совет целокупната документација која се однесува на дисциплинската постапка против наведениот судија во врска со постапувањето по конкретни предмети. Надлежен јавен обвинител презема и други истражни дејствија, меѓутоа со оглед на фазата во која се наоѓа постапката обвинителството во овој момент не е во можност да споделува детали со јавноста“ соопштија од ОЈО

Од обвинителството не откриваат дали побарале помош од стратешкиот партнер, кој најде доволни докази дека Груби мешал прсти и во правосудниот систем.

Реклама

Во меѓувреме, се уште нема официјална потврда во која држава се наоѓа поранешниот прв вицепремиер. Ниту една земја од соседството не пријавила дека Груби се наоѓа на нивна територија, а шпекулација остана и тоа дека поседува и косовско и албанско државјанство. Доколку пак се реши за азил, премиерот Мицкоски е со очекувања да не го добие.

Последните непотврдени информации се дека ексвицепремиерот е лоциран во имот на Јадранското море во близина на Драч. Кога Груби преминал од Косово на албанска територија е непознато, но веројатно е, дека тоа од претходно го планирал бидејќи можноста косовските власти да го кријат речиси и ја нема. Мали се шансите и Албанија да му биде стално засолниште на бегалецот или пак можеби само ја користи како попатна станица до крајната локација каде сака да избега.