Нашите срца и мисли се со луѓето во Босна и Херцеговина погодени од разорните поплави порача претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.
Го активиравме нашиот Механизам за цивилна заштита на ЕУ и испраќаме спасувачки тимови на терен. Ова е солидарноста на ЕУ на дело, додаде Фон дер Лајен во објавата.
Претходно и шефот на Делегацијата на Европската Унија во Босна и Херцеговина, Луиџи Сореца, информираше дека БиХ го активирала Механизмот за цивилна заштита на ЕУ и спасувачки тимови ќе пристигнат на терен во поплавените подрачја.

ЕУ стои до БиХ! На местото на настанот пристигнуваат екипи за реакција. Босна и Херцеговина е полноправна членка на Механизмот од септември 2022 година. Тимовите на Босна и Херцеговина учествуваа во спасувачките напори во Словенија и Турција. Солидарност на дело, наведе Сореца во објавата.
Вкупно 12 земји, преку Механизмот за цивилна заштита на ЕУ, понудија итна помош за Босна и Херцеговина, кој последниве денови е зафатена од голем поплави, соопшти денеска портпаролот на Европската комисија за хуманитарна помош и справување со кризи Балаж Ујвари.
