„Нема Европска Унија без Бугари во Устав – времето покажа дека францускиот предлог е многу добар за Бугарија“. Преку овие изјави бугарските политичари демонстрираат триумф и буквално фаќаат сеир.
Одделувањето на Македонија од Албанија на патот на ЕУ покажало дека целата Европска Унија застанала на страна на Бугарија. Поранешниот премиер Кирил Петков порача дека патот кон Европа за нас останува затворен се додека не ги внесеме Бугарите во Уставот. И самиот меѓу редови призна дека ова се случува заради прифаќањето на францускиот предлог што за Бугарија се покажал многу добар, ама Македонија не успеа да ги исполни обврските.
Времето покажа дека договорот што го направивме за време на нашата влада – „францускиот предлог“ се покажа многу добар за Бугариј. Во реалноста, целата Европска Унија застана на страната на Бугарија, а Република Северна Македонија мора да одлучи дали сака да ги прифати Бугарите во нејзиниот Устав или нејзиниот пат кон Европа е затворен, рече Петков.

И поранешниот премиер Бојко Борисов, во чие време беше потпишан Договорот за добрососедство, заедно со неговиот тогашен колега Зоран Заев, очигледно не го крие задоволството од настанатата состојба, а вината ја гледа кај колегите во Скопје.
Сè што направивме во Европската народна партија, во Европскиот совет, во Европската комисија, беше многу добро слушнато. Така функционираат европските институции. Не се закануваат, не навредуваат, а резултатот е Албанија оди напред. Таа го прифати бугарското малцинство, а нашите колеги од Македонија треба да ги понесат последиците од нивното досегашно однесување, рече Борисов.
И претседателот на партијата „Има таков народ“ Тошко Јорданов ни порача дека никогаш нема да влеземе во Европската Унија без да ги внесеме Бугарите во Уставот и немало ништо невообичаено, Македонија да си остане таму каде што е – надвор од ЕУ.
Северна Македонија не одговара за прифатените обврски кои сама ги потпишала во преговарачката рамка. Поради тоа тие не можат дури ни да се надеваат да почнат преговори. Воедно со тоа и со непремерените изјави на нејзините раководители и безумното барање што го направија во Европскиот Парламент за предоговарање и некаков француски предлог плус, рече Јорданов.
На одвојувањето на Албанија и Македонија на патот кон ЕУ, се израдува и ултра националистот Костадин Костадинов, претседател на партијата „Преродба“. Тоа според него се случи откако „Тирана го признала бугарското малцинство и му ги гарантирала сите уставни права“.
