Нови наставни програми и учебници, проширување на концептот на дуалното образование, воведување едносменска настава и продолжителен престој во училиштата – ова се дел од реформите во образованието што според министерката за образование Весна Јаневска се неопходни за да се стабилизира образовниот систем во Македонија. За ова ќе треба време, оти според Јаневска сегашните состојби во образованието создаваат повеќе предизвици, отколку што решаваат проблеми.
„За сите овие промени, потребна е квалитетна законска регулатива и во оваа прилика ќе потсетам дека, веќе започнавме со јавна дебата за менување на повеќе законски решенија – за основно и средно образование, за средно стручно образование, за образование на возрасните и за националната рамка на квалификации“, рече министерката за образование Весна Јаневска.
Европската унија укажува дека мора да се направат реформи во образовниот систем. Со тоа што ќе се привлечат најдобрите професори и професионалци од образованието но и ќе се создаде поповолна средина за предавање и учење. ЕУ нуди безрезервна помош за промените.

„Идните реформи кои ги очекуваме за растот на Западен Балкан, очекуваме усвојување и имплементација на новата формула за финансирање на примарното и секундарното образование, потоа развивање на дигиталните вештини на учителите, водење во изборот на кариера во училиштата како и развој на дуалното образование“, изјави Александру Албу, Делегација на ЕУ во Македонија.
Во меѓувреме, премиерот Мицкоски најави дека со повеќе од 18 милиони евра ќе бидат реконструирани студентските домови, не само во Скопје, туку и во другите градови каде што има универзитетски кампуси.
