
Претседателот на Владата Христијан Мицкоски денеска оствари средба со министерот за надворешни работи на Турција, Хакан Фидан.
На средбата се разговараше за долгогодишното пријателство помеѓу двете држави, за актуелната политичка и економска состојба, како и за напредокот на Македонија кон Европската Унија.
Премиерот Мицкоски истакна дека економската и политичката соработка помеѓу двете држави е од огромно значење и дека има потреба од нејзино понатамошно продлабочување. Во тој контекст, беа дискутирани можностите за зголемено учество на турските компании во македонската економија и за нови инвестиции од Турција.

Како НАТО сојузници, Мицкоски и Фидан ја нагласија важноста на мирот и стабилноста во регионот, потенцирајќи дека дипломатијата останува клучна за решавање на сите конфликти.
Мицкоски нагласи дека турското пријателство е од огромна важност за нашата земја, а турската заедница има значаен придонес во општествениот живот и економијата на Македонија. Воедно, беше истакнато дека Турција е докажан поддржувач и пријател на нашата земја и дека постои простор за продлабочување на односите во повеќе области.
