Реклама
Македонија

СДСМ организира собир на наставници, СОНК им порача да не се однесуваат како да се синдикат

Опозициската СДСМ го користи политичкото влијание за партиски собири на наставници. Во…

Сподели:
Фото: Алфа Вести

Опозициската СДСМ го користи политичкото влијание за партиски собири на наставници. Во организација на нивната Комисија за образование утре од пред зградата на МОН ќе побараат повисок надомест за 12% под мотото „Немате оправдувања, покачете ги платите“. Овој собир според нив е предупредување на почетокот на учебната година и ги искритикуваа премиерот Христијан Мицкоски и министерката за образование Весна Јаневска дека немале план за разој на образованието.

„Овој собир,  пред почеток на училишната година е  еден аларм, едно предупредување.Тоа е собир на којшто ќе биде искажан револтот од погрешните политики во образованието од страна на владата на ДПМНЕ и Весна Јаневска. Ги покануваме сите просветни работници, без разлика на нивните политички убедувања, да ни се придружат. Заедно да го искажеме незадоволството и да го кренеме гласот, да извршиме притисок врз власта за да ги промени погрешните политики. Заедно, мора да ги вратиме достоинството и почитта кон наставниците“, вели пратеничката од СДСМ Даниела Николова.

Веднаш по оваа најава, реагираше и Синдикатот за образование, наука и култура. Претседателот на СОНК Јаким Неделков вели дека нема да учествуваат на никакви партиски организирани протести и строго ќе внимаваат на мешањето на политиката во синдикатот.

Реклама

Во период на интензивни преговори за изнаоѓање решение и средства за подигнување на социјалниот статус на вработените во образованието, делувањето на политичките партии и преземањето на улогата на синдикатите, упатува на купување на ситни политички поени и може да има сосема спротивен ефект. Политичките партии имаа и имаат можност да докажат колку се загрижени за просветните работници, а тие знаат тоа најдобро да го оценат. СОНК ќе продолжи да делува со сите расположиви синдикални средства во натамошниот период, се до остварувањето на својата цел, вели Неделков.

Неделков вели дека како Синдикат ќе се обидат преку разговори со Владата да се изнајде решение за повисоки плати, кога ќе има средства и услови за тоа.

По најавата на СДСМ за собирот на наставници, реагираа и од владејачката ВМРО-ДПМНЕ. Според нив, СДСМ и ДУИ вршеле брутална злоупотреба на просветните работници.

Партијата чии министри додека имале можност да работат за народот, јаделе бизонско филе, телешко карпачо и школки плакајќи 400 евра за вечера од службена картичка нема кредибилитет да зборува за ништо. Трет човек по хиерархија во институцијата, која имала можност да придонесе за подобри плати и услови за работа на наставниците, таа заедно со нејзиниот министер со кого беа во коалиција, не предвидоа средства во буџетот за оваа намена за 2024 година. Ситуацијата, едноставно опишана е следна – Казанџиска свесно турнала некого на земја и сега му подава рака за да стане, претставувајќи му се како заштитник. СДС и ДУИ вршат брутална злоупотреба на наставниците организирајќи партиски протест со што докажуваат кој седи позади наводниот синдикат, изјави пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Сергеј Попов.

Претходно министерката за образование и наука Весна Јаневска рече дека наставниците нема да добијат покачување на платите за 12 отсто сега во септември, но најави дека ќе има зголемување во март следната година. Причината за ова е празниот буџет кој го оставила претходната влада и лошо испланираните средства.