Реклама
Македонија

Разрешен судијата Ѓеоргиев: Го избраа како прекрасна личност и професионалец, а го испратија како криминалец

Наќе Георгиев веќе не е врховен судија. Сега веќе осудениот на тригодишна…

Сподели:
Фото: Алфа Вести

Наќе Георгиев веќе не е врховен судија. Сега веќе осудениот на тригодишна казна затвор поради примање поткуп беше разрешен од Судскиот совет без расправа, на денешната итна седница. Советот го констатираше престанокот на функцијата со оглед на тоа што законот предвидува дека на судија му престанува мандатот ако меѓу другото е осуден на безусловна казна затвор од најмалку шест месеци.

Да порачам до граѓаните да не молчат… Да пријавуваат секогаш кога судија или посредник ќе му побара поткуп или било кое друго дејствија или ако му биде побарана било која друга услуга за противзаконито влијание или донесување судска одлука. Верувајте дека ние секогаш ќе го санкционираме таквиот случај. Убедена сум дека сме подготвени да го санкционираме сето ова и со тоа нема да дозволиме корумпирани судии кои го потонуваат и го газат судството да им дозволиме да останат и ќе ги принудиме со наведнати глави, засрамени, ако воопшто имаат срам да во судницата во која што требало да делат правда да ја заменат со затворски решетки“, рече Дамева.

Но на денешната седница неговите колеги од Советот, главно молчеа. Додека пак кога го  назначуваа во 2020-та , не штедеа пофални зборови. За дел од колегите негови, кои и денеска беа на седница, своевремено, Георгиев беше прекрасна личност и професионалец, кандидат со морални и професионални вредности, дете на судството со големи стручни и професионални квалитети.

Реклама

Вчера беше соопштено дека и второосомничениот за овој случај, Иџет Мемети од Советот на јавни обвинители, си поднел оставка, признал вина и се спогодил со Обвинителството за условна казна.

Алфа праша и во обвинителството , зошто се решиле за спогодба со сега веќе осудените, и дали би требало да има повисоки казни со оглед на тоа дека се високопрофилни личности, но, до овој момент одговор не добивме.

За премиерот Мицкоски тоа што има корумпирани судии во врховниот суд е само показател што се случува во правосудниот систем, и повеќе од јасна е причината што довербата во судството е само два отсто .

„Мене ми е драго што тогаш во Техничката влада МВР спроведе перфектна акција, која покажа дека имаме корумпирани судии во Врховен суд. И ако има такви судии во Врховен, може да претпоставите што се случува надоле во другите судови. Понатаму Иџет Мемети како претседател на Советот за јавни обвинители постигна спогодба со Обвинителството. Тука е јасна спрегата меѓу судско обвинителскиот систем, затоа оние тефтерчиња од едно минато се заменија со нови тефтерчиња од Речица и Бихаќка. И затоа довербата во судството ни е 2%“, рече Мицкоски.

Инаку,  Мемети заедно со врховниот судија Наќе Георгиев, му ветувале на ексградоначалникот на Ново Село Боро Стојчев дека за 10 илјади евра ќе му помогнат за поблага казна за производство и продажба на марихуана.