Поднесена кривична пријава против 57 годишно лице од Прилеп, (Д.Т.) кој се сомничи за сторено кривично дело „предизвикување шумски пожар“, казниво по член 227 став 5 од Кривичниот законик.
“Пријавениот во повеќе наврати, на 15.07.2024, на 30.07.2024, 02.08.2024, на 05.08.2024 и на 07.08.2024 во атарите на с.Слатина и с.Грешница, општина Македонски Брод, предизвикувал пожар на отворен простор, кој се проширувал и настанувале пожари на поголема површина, каде горела трева и нискостеблести растенија. Сите пожари биле изгаснати од екипи на Територијалната противпожарна единица Македонски Брод и Подрачното шумско стопанство „Сандански“ – Македонски Брод. При преземање на мерки во врска со пожарите, полициски службеници од ОВР Македонски Брод го затекнале пријавениот Д.Т. на местото на настанување на пожар и при преглед кај него биле пронајдени предмети со кои може да се предизвика пожар. Со пријавениот бил извршен службен разговор, при што тој ги признал делата” информираше МВР.
Вчера во село Селце, Штипско, полициски службеници ги лишиле од слобода И.А. (43) и Е.А. (19). Двајцата биле затекнати при незаконска сеча на дрва за огрев во шумски предел кој до неодамна беше зафатен со пожар на планината Серта и покрај активната забрана за движење во шума.

Во акцијата биле користени и дронови, за кои пред неколку дена директорот на Бирото за јавна безбедност Александар Јанев најaви дека ќе вршат мониторирање на шумските појаси на територијата на целата држава.Од приведените биле одземени трактор со приколка, две моторни пили и исечените дрва. Подоцна, по насоки од јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Штип, била добиена наредба и бил извршен претрес во нивниот дом во Селце, при што биле пронајдени и одземени испратници и одобренија за сеча на дрвна маса, издадени од ЈП „Национални шуми“, фотокопии од лични карти за кои се поднесувале барања за добивање на одобренија за сеча, воздушна пушка, две канти со бензин, импровизирана направа за центрирање на оптика за огнено оружје и други предмети поврзани со делото.Од страна на полициски службеници од Одделот за криминалистичка полиција- Сектор за економски криминал и корупција и СВР Штип бил извршен увид и била одземена документација во ЈП „Национални шуми“ – Штип.По целосно расчистување и документирање на случајот, СВР Штип против двете лица ќе поднесе кривична пријава по член 235 став 3 од Кривичниот законик.
