Не стивнува огнената стихија над штипските села Селце, Пухче и Драгоево. И ова утро со механизација се прават обрачи околу селата за огнот да не ги зафати куќите и имотите на местното население. Освен од земја, огнот се гаси и од воздух .
Војници, пожарникари, припадници на Македонски шуми сите се вклучени во борбата со огнената стихија. Ги завршуваат остатоците, бидејќи високите температури може повторно да го покрене пожарот.
„Имаме четири противпожарни возила, 8 машини со коишто ќе се трасира земјени патишта и ќе се прави коридор, два хеликоптери делуваат од воздух. Дополнително има четири цистерни коишто на одредени точки ќе служат за дотур на вода“ изјави Иван Јорданов, градоначалник на Штип.

„Будно ќе ја следиме состојбата. Нашите луѓе и покрај тоа што немат здравствено осигуруваање, се трудим да го надминиме тој проблем. Се соочуваме со невидена дупка , буквално луѓето ни беа оставени на влечки да гасат„ изјави Кире Михаилов, заменик дгенерален иректор на Македонски шуми.
Штипските пожарникари добија засилување од своите колеги од Пробиштип и Кочани, а местното население со трактори и теренски возила им носи вода. Минатата ноќ беше критична. Огнот без сон ги остави жителите на Селце кои стравуваа за своите имоти.
„Многу страшно, цела ноќ со бабата си ја преседовме надвор. Се плашевме огнот да не го проголта тоа што сме го печалеле со години„ велат жители на село Селце.
Веќе осми ден гори на планината Серта, а огнената стихија остава пустош позади себе.
Засега е неизвестно колку хектари шума изгореа во пожарите, но според првичните проценки на Македонски шуми станува збор за штети кои се епохални за планината Серта и ќе бидат потребни речиси еден век за да се поврати она што е изгорено.
