Ребалансот на буџетот денеска се најде на седница на Владата. Министрите во моментов расправаат за прекројување на државната каса. Најавите беа дека обемот на расходите, приходите и дефицитот ќе останат исти, но 200 до 300 милиони евра ќе бидат пренаменети за повеќе пари кај општините и пензионерите. Дополнителни 500 милиони евра под исклучително поволни услови се обезбедени од унгарскиот кредит. Каматите што треба да се плаќаат се пониски од оние под кои државата се задолжува на домашниот пазар.
Владата ќе се задолжи 500 милиони евра кај унгарската Влада со пониска камата од издадените државни обврзници годинава. Премиерот Мицкоски веќе кажа дека со неговиот колега, унгарскиот премиер Виктор Орбан договориле камата од 3,25%, што е пониска од онаа што земјава би можела да ја добие, ако земе кредит од меѓународните финансиски институции. Заемот има грејс период 3 години и рочност на отплата од 12 години.

Податоците од министерството за финансии покажуваат дека за издадените граѓански обврзници минатата година, каматата изнесува 5%. Годинава, пак, биле издадени 15 годишни државни обврзници без девизна клаузула во 7 наврати. Каматата што треба да се плати варира од 5,60% до 6%, што е драстично повисока од онаа што ја нудат комерцијалните банки на бизнисите. 15-годишните обврзници со девизна клаузула во април биле издадени со камата од 5,35%.
Премиерот Мицкоски, во неколку наврати повтори дека кредитот од Унгарија е земен под поволни услови, а нагласи и дека има отворена рамка за финансирање, па повеќе пари можело да се повлечат догодина, кога достасува за враќање и претходно издадена еврообврзница.
Очекувањата се ребалансот на буџетот денеска да помине на владина седница. Министерката Димитриеска Кочоска најави дека има простор за пренамена на 200 до 300 милиони евра. Овие пари ќе се потрошат за зголемени пензии и за проекти за општините. Најавите беа дека приходите, расходите и дефицитот во апсолутна бројка ќе останат исти, но дупката во државната каса како процент од БДП ќе биде поголема. Во годините наназад, секогаш кога се правеше ребаланс на буџетот, се кратеше од критичните капитални инвестиции кои не се реализираа согласно плановите. Така е и годинава. До крајот на мандатот, претходната Влада изградила едвај 28% од предвиденото.
