Македонија се откажа од Македонците надвор од своите граници. Ова е резултатот на седумгодишното владеење на оската СДСМ – ДУИ и потпишувањето на договорите со Грција и со Бугарија.
Нашинците во соседството се крајно разочарани. Велат, нашата матична држава реално никогаш премногу не се залагала за нас, но она што се случува во последно време е страшно – подобро да не прават ништо. Дека Македонија уште одамна кренала раце од македонското малцинство во Грција, покажува и тоа што Македонците таму никогаш не беа консултирани за Преспанскиот договор. Македонски монах и поборник за македонскиот народ во Егејска Македонија отец Никодим Царкњас, смета дека оваа власт го погази сето она за кое нашите предци се бореле – македонскиот идентитет.
Катастрофа за македонскиот народ е договорот од Преспа. Тие не избришаа, се откажаа од нас. Тоа е вистината. Во Македонија беа премиери, што ни во сон немаше да ни дојде дека ќе има такви премиери. Сега, на следните избори, треба да победи некој кој ќе работи во интерес на граѓаните, традицијата, ќе го чува идентитетот. Македонците се усрамени, понижени – имаме такви политичари, што не знаат историја, и треба да научат малку – вели Архимандрит Никодим Царкњас.

Македонците во Грција не можат да се помират со тоа што власта стави параф на Преспанскиот договор.
Тој договор воопшто не е добар за никого. Моето лично мислење – ние Македонија ја знаеме како Македонија, не како северна. Македонската власт, не избриша, се откажа од нас. Се чувствуваме понижено и не знаеме што ќе биде понатаму. Идната влада треба да биде патриотска влада, македонска, народот да гласа патриоти, оние кои се залагаат за националните интереси – вели Стилијан Самарџиев, активист за правата на Македонците во Грција.
Македонските власти во многу прилики, признале дека се откажаа од македонското малцинство,не само во Грција, туку и во Бугарија. Наместо да застанат позади нивните интереси, функционерите ги препраќаат Македонците за своите права да се борат преку Судот во Стразбур. Политиките на потчинетост ги почна Зоран Заев со потпишувањето на Договорот за добрососедство и пријателство, па ги продолжи Димитар Ковачевски. Македонија никогаш не го поставила како официјално и отворено прашањето за македонското малцинство во Бугарија, а тоа беше и остана јасен знак за Бугарија, дека Македонија е спремна на отстапки.
Македонската влада не даде помош на Македонците во Бугарија. Бугарија не ги признава малцинствата. Ковачевски кога беше на еден настан, заседание на совет на европа каде тој се застапи силно за македонското малцинство во Бугарија а од тогаш владата ништо не помогна. Ние поднесуваме молби и жалби до европските институции но и од тмау ни ги одбиваат жалбите. Помагаат само од Судот за човекови права, но не се почитува тука, односно Бугарија е надвор од законите. Со договорот со Бугарија, не би можел да кажам дека има подобрување во односите. Дури и кога го отворавме клубот во Благоевград некои институции тврдеа дека ние со отворањето на клубот сме работеле против договорот. Договорот има еден член каде пишува дека Македонија и Бугарија ќе соработуваат во однос на културата но никој не ни помага за тоа – вели Атанас Мазнев – претседател на македонскиот клуб „Никола Вапцаров во Бугарија.
Проблемот со негрижата за малцинствата не е само во Бугарија и Грција, туку и во Србија. Со години здруженијата критикуваа дека не добиле помош од македонската влада за активностите и проектите кои се за промоција на Македонците, и покрај многуте апликации. И Македонците во Албанија се крајно разочарани од политиките на оваа влада. Тие во многу прилики предупредуваа дека власта ја распродава нивната матична држава.
