Многу прашина кренаа 8-те хеликоптери уште не слетани во Македонија. Набавката ќе ја чешла и антикорупциската комисија која на денешниот колегиум оформи предмет. Оттаму на прашањата на Алфа, одговараат дека ќе проверуваат дали Одбрана законски го склучила договорот.
- „Државната комисија за спречување корупција, на колегиумот одржан на 18.03.2024 година заклучи да оформи предмет по сопствена иницијатива, во врска со информациите објавени во медиумите за јавната набавка на Министерството за одбрана за купување на 8 хеликоптери. Постапувајќи согласно Законот за спречување на корупција и судир на интереси и Деловникот за работа, ДКСК ќе ги преземе сите дејствија за утврдување на фактичката состојба и носење на соодветна одлука“ велат од ДКСК за Алфа.
Алфа за набавката од контроверзниот италијански производител пишуваше уште пред два месеци, но досега ниту една од истражните институции не покажа интерес да провери дали се било според закон како што уверува министерката Петровска.
И додека се чека епилог од предметот на антикорупционерите, не ретки се сомнежи и во квалитетот што го нуди контроверзниот производител, а спорен момент е и посредникот кој се јавува во набавката тешка 230 милиони евра.

- „Ние како јавност, не можеме да знаеме како прво, која е техничката спецификаицја која ја побарала нашето Министерство за одбрана, второ не можеме да знаеме колку фирми и по какви цени се јавиле на тој оглас, затоа останува да и веруваме на зборот на министерката која што сама рече дека одговорноста е нејзина, дека е подготвена да сноси одговорност доколку има некои сомнежи за корупција или коруптивни дејствија. Но, сето тоа можеме да го видиме доколку Антикорупциска ја направи истрагата како што треба, и второ кога ќе се промени власта, па новиот министер да ја види цела набавка, не само договорот, туку целата постапка да се види кои се фирмите кои конкурирале, а несомнено има и други фирми на пазарот кои што можат да дадат понуда“ вели универзитетскиот професор, Александар Нацев.
Пред неколку дена опозицијата обвини дека изборот на Леонардо е уште еден коруптивен скандали бидејќи според сознанијата на пратеникот Александар Николоски на конкурсот се пријавил и француско-германски огромен конзорциум, упте еден шведски и еден американски производител. Но, изборот паднал на Леонардо и тоа на само 100 дена пред избори.
Алфа уште пред два месеци ја актуелизираше набавката, бидејќи италијанскиот производител се поврзува со бројни коруптивни скандали, а неколку пати до сега го има менувано и своето име.
Имено, летото 2019 -та, опозицијата го обвини Рашковски дека е вмешан во тендерска афера за набавка на радарски систем за летање за потребите на Македонска навигација (М-НАВ) и тоа од истиот „Леонардо“, откако беше објавен аудиоразговор со транскрипт во јавноста. Антикорупциската комисија имаше и предмет за оваа спогодба бидејќи сомнително им беше доцнењето со исплатата на траншите за кои државата плаќаше високи камати, а обвинителството за организиран криминал исто така не најде ништо спорно.
