Законот за игри на среќа ги наруши односите на Пендаровски и ДУИ. Непотпишувањето на истиот од страна на шефот на државата ги разлути интегративците. Пендаровски кажа дека ваков закон не може да стапи во сила, а тоа го констатирал заедно со Делегацијата на Европската Унија во Македонија бидејќи тој е донесен во несоодветна постапка со употреба на европско знаменце. Чудно е како Пендаровски остро се спротивстави на европското знаменце на овој закон, а си ги потпиша без проблем, законите за Бехтел и Енка, и спорниот Кривичен закон, што немаа никава врска со европското законодавство. Законот за игри ревносно го туркаше пратеничката група на ДУИ, кои дадоа сѐ од себе за да биде изгласан. Откако Пендаровски го врати законот, интегративицте се разжестија и му порачаа дека неговите одлуки биле за жалење.
Образложението дека европското знаменце била злоупотребено за усвојување на законот е приказна за мали деца. Замислете немале забелешки за содржината, туку за процедурата. Ние не се предаваме во оваа битка и убедени сме дека пратениците со чиста совест се на страната против казината и обложувалниците“, се вели во реакцијата на ДУИ.
Се погласни се шпекулациите дека овој закон ќе му оди во корист на ДУИ, кои сакаат да го преземат бизнисот со легално коцкање. Според изјавите на опозицијата, ем од албанската заедница, но и од ВМРО-ДПМНЕ, лица блиски до Груби се длабоко инфилтрирани во Државна Лотарија. А Државна Лотарија пак распишала и оглас за три нови компании кои ќе приредуваат игри на среќа на интернет. Јавна тајна е дека Груби се обидува да ги легализира претходно нелегалните постапки во Лотарија за отворање на новата видео лотарија и компаниите за онлајн обложување.

Според партиите кои не се согласни со законот спорни се три моменти: Мултиплицирањето на лиценците и давање лиценци на компании во кои што Управни и Надзорни одбори членуваат лица од Кабинетот на Артан Груби. Дозволување на онлајн коцкање, што практично значи дека секој од дома може слободно да си се коцка, па и малолетниците. И една од најспорните одредби можеби е таа што предвидува дозволи за објектите односно просторот каде игрите на среќа би биле сместени да дава министерството за финансии – повторно предводено од Демократската унија за интеграција.
Останува отворено прашањето зошто токму сега Пендаровски се реши да не потпишува закон донесен со европско знаменце, дали во прашање е штитење на нечии туѓи интереси, на странска држава? Имено, лани во март, на заедничката пресконференција со австрискиот колега Ван дер Белен, Пендаровски испрати порака да се стопира европското знаменце и законот да оди во редовна постапка со можност за дебата.
