Раскол на Илинденска за законот за рестрикции. Министерството за правда не се откажало од негативното мислење за решението со кој црните листи на САД и Обединетото кралство влегуваат во македонското правосудство,Министерството на Кренар Лога и по гласањето во Влада, останува на ставот дека измените кои од Илинденска отпатуваа во Собрание се противуставни иако од Влада тврдеа оти имало едногласен консензус.
„Остануваме на ставот дека предложените измени не се во согласнот со Уставот и се во спротивност со Европската конвенција за човекови права како и со принципот на владеење на правото и правната држава“, стои во одговор од Министерството за правда за МКД.мк

На претпоследната одржана седница на Владата на Димитар Ковачевски на 16-ти јануари , министрите очигледно не се грижеле за ставот на Лога и кренале рака „ЗА“ , но Владата одлучи да премолчи оти имало негативно мислење туку официјално соопшти дека имало едногласна политичка волја:
Владата на Република Северна Македонија, на предлог на Министерството за надворешни работи, дискутираше околу предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за рестриктивни мерки и со консензус, едногласно, изрази политичка волја да се поднесе закон до Собранието на Република Северна Македонија, којшто ќе биде усогласен со македонското законодавство. Исто така, ќе бидат иницирани измени и на други закони, на коишто ќе имаат одраз измените на Законот за рестриктивни мерки, соопштија од Владата на 16.01 .
Мислењето од правната и бизнис фелата дека со овој закон ќе служиме за потсмев кај странците, а државата се става над правото и законите не било многу важно за Димитар Ковачевски. И покрај негативното мислење од неговиот министер, пред да ја напушти Фотељата, Ковачевски во петокот ставил парав на измените на законот. Покрај експертите и министерот Лога, против законот е и техничкиот премиер Талат Џафери кој пак го кажа ваквиот став пред да стапи на функција. Инаку, со измените на законот за рестрикции , Владата станува обвинител, судија и кадија и за физичките лица, но и за компаниите . Централната власт, без правосилна судска пресуда ќе може да одлучува, кој може да биде функционер, кој да смее да учествува на државни тендери, чиј имот да биде конфинскуван.
