Скопјани утре може повторно да останат без јавен превоз бидејќи дел од вработените во ЈСП од 4.30 часот наутро ќе започнат со штрајк кој ќе трае до 12.30 часот и ќе се одржи пред дирекцијата на Јавното претпријатие во Автокоманда. Ова е веста со која скопјани се разбудија утрово. Но и покрај официјалните потврди за утрешниот штрајк, од Градот Скопје велат дека јавниот превоз утре ќе функционира непречено… Скопјани снаоѓајте се сами!
-Автобусите на ЈСП утре ќе возат по редуциран возен ред, бидејќи вработените ќе штрајкуваат пред управната зграда на јавното претпријатие од 4:30 часот до 12:30 часот, изјави за МИА Елизабета Тошевска, претставник на Синдикатот Спајс при ЈСП.
Таа потенцира дека вработените ќе штрајкуваат поради, како што рече, неисполнетите барања и игнорантскиот однос на раководството на јавното претпријатие околу барањата содржани во Колективниот договор.

Доколку никој од раководството на ЈСП не ги прими на разговор, како што најави, тие по 12:30 часот ќе си заминат дома и во Скопје пак ќе нема автобуси.
-Причина за штрајкот е усогласување на минималната плата со Колективниот договор, неисплатата на прекувремени часови за прекувремена работа, неисплата на хранарина на работниците што работат навечер од 22 до 6 часот, дискриминација на помлад возач, луѓе кои се со лиценца и која важи секаде во светот, а тука се помлади возачи со години, рече Тошевска.
Таа информира дека во ЈСП вкупно се вработени 1300 лица, а 600 се возачи.
И покрај ова, од ЈСП уверуваат дека јавниот превоз утре ќе функционира непречено.
-Функционирањето на јавниот градски превоз ќе функционира редовно и без задршки. Апелираме до медиумите да бидат одговорни и да не шират лажни вести и паника кај граѓаните. Истовремено, сакаме да потенцираме дека причината за штрајк на новоформираниот синдикат, четврти по ред, е нелегитимна бидејќи од 1 јуни зголемена е платата на сите вработени во ЈСП. Апелираме, медиумите и синдикатите да не дозволуваат да бидат инструментализирани од политиканти и политички бандити, стои во нивното соопштение.
