Поранешниот претседател на автономниот регион Гуангси во јужна Кина, Лан Тјанли, е осуден на смртна казна со двегодишно одложување поради корупција и примање мито во вредност од околу 587 милиони јуани (88,2 милиони долари), објави кинеската државна телевизија ЦЦТВ.
Лан е прогласен за виновен за примање големи парични поткупи додека извршувал различни функции во регионот во периодот од 2008 до 2025 година.
За возврат, тој помагал во доделување јавни договори и именување високи функционери.
Народниот суд во Чангде, во централната кинеска провинција Хунан, ја образложи пресудата со огромниот износ на незаконски стекнатите средства и сериозната штета нанесена на државата и јавноста.

Како и во претходни слични случаи, извршувањето на смртната казна е одложено за две години. По истекот на тој период, казната може да биде преиначена во доживотен затвор, без можност за дополнително намалување.
На Лан му е одземен и целиот имот, како и политичките права.
Кинескиот претседател и лидер на Комунистичката партија, Ши Џинпинг, со години води антикорупциска кампања, која повторно добива интензитет во пресрет на партискиот конгрес планиран за втората половина на 2027 година.
Смртните казни за високи партиски функционери се релативно ретки во Кина и вообичаено се изрекуваат во особено сериозни случаи.
Истрагите на партиските антикорупциски органи против функционери се објавуваат речиси секојдневно. Последен случај е истрагата против секретарот на Комунистичката партија во Шангај, Чен Џинин, кој е член на влијателното Политбиро на партијата.
Државните медиуми објавија дека тој е осомничен за сериозни прекршувања на партиската дисциплина и законите, но не соопштија детали. Ваквите истраги често завршуваат со официјални обвиненија за корупција.

