Дел од проектите се финансираат со поддршка од централната власт, а другиот дел од општински средства. Од кабинетот посочуваат дека паралелно се работи и на подготовка на документација за нови проекти.
„Посебен акцент даваме на проектите за кои е потребна дополнителна подготовка, особено во делот на техничката документација и обезбедувањето средства од надворешни извори. Па така, во соработка со министерствата, меѓународните организации и другите партнери успеваме да придвижиме повеќе инфраструктурни и развојни иницијативи“, изјави Методи Пасков, шеф на кабинетот на градоначалникот на Струмица.
Како еден од приоритетите за наредната година е решавањето на долгогодишниот проблем со водата за пиење во Струмица. Набавен е нов озонатор во вредност од 30 милиони денари и најверојатно во јануари веќе ќе биде монтиран.
„Оваа година со сопствени средства инвестиравме во набавка на нов озонатор. И со тоа проблемот со питкоста на водата ќе биде долгорочно решен. Последните два озонатори се набавени далечната 1998 година. Едниот работи, а другиот не е во функција“, изјави градоначалникот на Струмица, Петар Јанков.
Јанков посочува дека следната година очекува стабилизирање на финансиската состојба на општината, како и продолжување на проектите. Меѓу приоритетите се решавањето на проблемот со атмосферските води, како и модернизацијата на водоводниот систем во градот и руралните средини.

