Динамиката на изградба на автопатот Прилеп – Битола од Коридорот 10Д се одвива со забрзано темпо. Во 2027 година треба да бидат пуштени првите 12 километри, во 2028 уште околу 16 километри, а во 2029 година ќе останат уште триесетина километри, со што овој капитален проект целосно ќе биде финализиран. Експропријацијата е завршена над 80 проценти, со што се отвора фронт за работа сè до 2029 година, а обезбедени се и средствата за непречен тек на понатамошните градежни работи. Она што во моментов е најпотребно се околу 1.200 нови работници од различни профили.
„Се отвораат 1.200 работни места. Ќе ги прочитам и точно професиите: градежни и сообраќајни инженери, геодети, технички и лаборантски кадар, оператори на градежни машини, возачи, квалификувани и неквалификувани градежни работници. Она што сакам исто така да го кажам е дека двете компании „Бехтел и Енка“ се на врвот кога ќе го видите просекот на исплатена месечна нето-плата. Имено, просекот за 2025 година е 137.000 денари, а немаат плата под 60.000 денари“, изјави Александар Николоски, вицепремиер и министер за транспорт.
„Средствата за оваа година се обезбедени, а во фаза на обезбедување се и средствата за дозавршувањето на овој проект… Ние сме силно посветени овој проект да биде завршен до 2029 година“, рече Коце Трајановски, директор на ЈПДП.
Право да конкурираат за напоменатите работни места имаат жители од целиот Пелагониско-Тиквешки Регион, за што од менаџерскиот тим на компанијата ветуваат исклучително добри услови за работа.
„Со нетрпение очекуваме многумина од вас да станат дел од нашиот тим и заедно да го изградиме автопатот, да вложуваме во развојот на нашите луѓе и да создаваме трајно наследство со кое сите ќе се гордееме“, кажа Еш Рао, проектен менаџер на „Бехтел и Енка“.
„Многу ми е драго што еден ден на мојата ќерка ќе ѝ покажам нешто во кое сум помогнала да се изгради“, посочи Катерина Здравеска – Стојаноска, градежен инженер, вработена во „Бехтел и Енка“.
„Горд сум што како инженер имам можност да работам на ваков голем проект во мојата земја“, истакна Марјан Секулоски, градежен инженер во „Бехтел и Енка“.
Инаку, денеска во Прилеп се одржа Саем за вработување на лица за изградбата на Коридорот 10Д, каде што на сите заинтересирани граѓани им беа презентирани условите за работа, но и можностите за напредување во кариерата според светски критериуми.

