Денот на знамето – 28 Ноември е еден од најзначајните датуми во албанската национална историја. Тоа е денот кога историското сеќавање, жртвата и вековните стремежи за слобода се обединуваат во еден симбол, кој низ генерациите го одржувал жив идентитетот, достоинството и гордоста на албанскиот народ, се вели во честитката од претседателот на Собранието Африм Гаши до граѓаните Албанци по повод Денот на знамето.
-За Албанците, каде и да живеат, а особено за нас во Северна Македонија, овој празник нè потсетува на тие кои го подигнале знамето, но и на сите генерации кои, во различни историски околности, го сочувале живо во своите срца. Јазикот, културата, идентитетот и чувството на национална припадност се скапоцено наследство, кое имаме обврска да го зачуваме и да им го пренесеме на идните генерации, со одговорност, визија и единство – порачува Гаши во четитката.
Во својство на претседател на Собранието на Република Северна Македонија, во која Албанците се државотворен народ, додава, ја сметам за своја постојана одговорност посветеноста кон унапредувањето на еднаквоста, правичната застапеност, како и на зајакнувањето на демократските институции, во кои секој граѓанин ќе се чувствува еднаков и почитуван.
-Убеден сум дека љубовта кон нацијата, зачувувањето на идентитетот и посветеноста кон државата и општеството во кое живееме не се меѓусебно исклучиви. Напротив, тие се надополнуваат и добиваат смисла преку почитта, еднаквоста и заедничката одговорност. Затоа, нека 28 Ноември биде ден на гордост за она што сме го наследиле, но и заложба за иднината на нашите земји. Со љубов кон нацијата, со одговорност кон државата и општеството во кое живееме и со меѓусебна почит, да продолжиме да градиме достоинствена иднина за сите. Честит 28 Ноември – Денот на знамето! – се потенцира во честитката од Гаши.

