Општина Пробиштип донесе нови мерки за поддршката на младите и создавањето подобри услови за живот на граѓаните. Во писменото соопштение од општина Пробиштип се вели дека новите мерки имаат за цел да обезбедат поголема финансиска сигурност, да ги поттикнат младите да го градат својот дом и иднина во Пробиштип и да создадат подобри услови за раст и развој на децата, а со тоа и да се обидат и да влијаат на позитивна промена на демографијата. Новите мерки ќе почнат да се применуваат од 1 јануари 2027 година.
Новите мерки опфаќаат нула денари комуналии за млади брачни парови до 35 годишна возраст при изградба на прв сопствен дом, зголемен надоместок од 8.000 на 15.000 денари за трето и секое наредно новородено дете, бесплатен престој во градинка за децата од семејства со три или повеќе деца, без оглед на висината на месечните примања на родителите.
Како што се посочува во соопштението од општина Пробиштип меѓу мерките се еднократна финансиска поддршка од 10.000 денари за згрижувачките семејства, како признание за нивната хуманост и посветеност.
– Бесплатните ортопедски прегледи за децата до 15-годишна возраст кои започнаа во 2026 година, продолжуваат и во 2027 година, бесплатни офталмолошки прегледи за идните првачиња, кои се задолжителни за упис во прво одделение, со цел навремено откривање и спречување на проблемите со видот, како и со цел избегнување на трошоците за патување до соседните градови. Ова не се само нови мерки, туку конкретни чекори и вложувања во луѓето, во семејството и во иднината на нашата општина – велат од Општината.
Во соопштението се додава и дека цел е Пробиштип да биде општина во која младите ќе имаат причина да останат, семејствата ќе добиваат вистинска поддршка, а секое дете ќе има подобри услови за здраво и безгрижно детство.
– Продолжуваме посветено да работиме за подобар животен стандард и посигурна иднина за сите наши сограѓани-порачуваат од општина Пробиштип.

