Националната установа Центар за култура, организатор на меѓународниот фестивал „Музика од светот“, синоќа беше домаќин на уметници од Шпанија, а вечер на големата сцена ќе ги промовира членовите на групата Мартеница од Турција.
Синоќешниот целовечерен концерт на групата Сарсале со уметници од Барселона, беше презентација на традиционалната етно музика од Шпанија, исполнета со моќните гласови на уметниците и препознатливи танцови вештини на танчерите кои битолчани ги наградија со долготраен аплауз.
Меѓународниот фестивал „Музика од светот“ вечер продолжува со промоција на изложба со наслов „Музика во слика и слика во музика“ чиј автор е уметницата Жаклина Николовска.

Изложбата ќе биде поставена во фоајето на битолскиот Центар за култура и според организаторот, секоја слика е своја симфонија, секој потег – звук, а секое дело преку разиграни линии, топли и ладни бои, симболи и силна експресија, создава ликовен свет во кој се среќаваат музиката, емоцијата и возуелната уметност.
Фестивалската вечер ќе биде заокружена со концерт на групата Мартеница од Турција која освен турска, ќе презентира и македонска етно музика.

