Осумнаесет компании ќе учествуваат на првиот хуманитарен фудбалски турнир „Играме со срце“, што на денеска и утре ќе се одржи во Скопје во организација на СОС Детско село и под покровителство на Министерството за спорт.
Средствата од котизациите за учество на турнирот ќе бидат донирани за поддршка на децата и младите без родителска грижа, кои се дел од програмите на СОС Детско село.
Турнирот ќе се одржи во спортската сала на ООУ „Круме Кепески“ во Општина Кисела Вода, со поддршка на Бизнис Лигата и Фудбалската федерација на Македонија.
На теренот ќе настапат екипи на „Алкалоид“, „Халк Банка“, ЕЛЕМ, „Еуролинк“, А1, „Лукоил“, „Македонија Осигурување“, „Аџибадем Систина“, НЛБ Банка, „АХМ 365“, „Гранит“, „Авенга“, „Ван Хол“, „Виљареал Мастерс Академи“, „Флекс Кредит“, „Колид Фудс“, „Малиќи Груп“ и „Експанда“.
Во рамки на настанот ќе се одигра и ревијален натпревар на кој ќе настапат поранешни и актуелни македонски фудбалски репрезентативци, меѓу кои Александар Трајковски, Стефан Ристовски, Аце Стојков, Николче Новески и Никола Глигоров, заедно со деца и посетители.
Од Министерството за спорт посочуваат дека турнирот има двојна цел – промоција на спортот и заедништвото, како и поттикнување на општествената одговорност кај компаниите преку поддршка на децата и младите без родителска грижа.
Организаторите ги повикуваат граѓаните да присуствуваат и да дадат поддршка на хуманитарната акција, нагласувајќи дека, без оглед на резултатот на теренот, најголемата победа ќе биде придонесот за посреќно детство.

