Со воена свеченост во касарната „Илинден“ во Скопје денеска беше одбележан Денот на Извидувачко-разузнавачкиот баталјон (ИРБ), единица на Армијата препознатлива по високото ниво на обученост, професионалност и подготвеност за извршување сложени извидувачко-разузнавачки задачи.
На свеченоста присуствувале министерот за одбрана – Владо Мисајловски, началникот на Генералштабот на Армијата – генерал-мајор Сашко Лафчиски, заменик-министерот за одбрана – Адмир Шабани, заменик-началникот на Генералштабот – генерал-мајор Азим Нуредин, командантот на Командата за операции – бригаден генерал Мирче Ѓоргоски, командантот на Командата за обука и доктрини – бригаден генерал Лулзим Нуредини, командантот на Првата пешадиска бригада – бригаден генерал Дејан Чиплаковски, претставници на Министерството за одбрана и Армијата, поранешни команданти и припадници на единицата и други гости.
Како што се наведува во соопштението на прес-службата на Армијата, Мисајловски во своето обраќање пред припадниците на ИРБ истакнал дека денешниот ден ги симболизира традицијата, континуитетот и патриотизмот на припадниците на единицата, кои се „очите и ушите на нашата Армија“, секогаш први на теренот, секогаш чекор понапред.

– Вашата професија бара врвна психофизичка подготвеност, челична волја, брз ум и апсолутна меѓусебна доверба, нагласувам – тимска работа. Вие секојдневно докажувате дека за овој баталјон не постојат непремостливи препреки, без разлика на теренот, временските услови или сложеноста на задачата – рече министерот.
Мисајловски се осврнал и на активностите на единицата на меѓународен план посочувајќи на резултатите постигнати на меѓународните воени вежби и натпревари, што, рече, ги прави „вистински амбасадори на македонската Армија и пример за квалитетот на нашиот војник“.
Во своето обраќање командантот на Командата за операции, бригаден генерал Мирче Ѓоргоски, ја истакнал значајната улога на Извидувачко-разузнавачкиот баталјон во Армијата нагласувајќи дека единицата веќе три децении се издвојува со висока обученост, професионализам, дисциплина и примена на највисоките стандарди во обуката.
Осврнувајќи се на резултатите во изминатата година, го потенцирал учеството на припадниците на вежбите „Блесок 26“, „Ефес 26“ и Common Challenge 26, на кои уште еднаш ги потврдија својата подготвеност, издржливост и интероперабилност со сојузничките армии.
Притоа тој им порача на припадниците на баталјонот да продолжат со посветена работа и постојано унапредување на своите способности, доследно следејќи го мотото на единицата „Секогаш чекор понапред“.

Командантот на Извидувачко-разузнавачкиот баталјон, потполковник Зоран Цветковски, во своето обраќање истакнал дека единицата, благодарение на професионализмот, високата обученост и посветеноста на припадниците, претставува современа и флексибилна единица, подготвена за извршување сложени задачи и одговор на современите безбедносни предизвици.
Тој упатил благодарност до Министерството за одбрана и Генералштабот на Армијата за континуираната поддршка, како и до припадниците на баталјонот за нивната дисциплина, одговорност и професионализам, нагласувајќи дека унапредувањето на способностите, обуката и модернизацијата остануваат приоритет во натамошниот развој на единицата.
На денешната свеченост беа прочитани телеграми со честитки за денот на единицата, како и наредби за унапредување и стимулативни мерки за припадниците на баталјонот, кои постигнале високи резултати во работењето.
Во пресрет на Денот на единицата, припадниците на ИРБ реализираа хуманитарна акција и донираа храна во хуманитарната организација „Свети Спас“, наменета за социјално загрозени семејства.

