Министерот за односи меѓу заедниците Агон Ферати остварил средба со амбасадорката на Обединетото Кралство во земјава, Маја Сивагнанам, на која во фокусот биле зајакнувањето на билатералната соработка, инклузивноста и градењето општествена и политичка кохезија.
На средбата, како што соопшти МОЗ, било разговарано за вклучувањето на сите етнички заедници во значајните општествени и политички процеси, како и за натамошното унапредување на односите меѓу двете земји, особено во областа на безбедноста, соработката во рамките на НАТО и размената на искуства во справувањето со современите предизвици.
Министерот Ферати ја информирал амбасадорката за текот на изработката на новата стратегија за интеркултурализам и општествена кохезија, која се спроведува како инклузивен процес, со учество на граѓанското општество, медиумите, академската заедница и другите релевантни чинители во земјата, со поддршка на ОБСЕ.
Соговорниците ја истакнале и важноста од зајакнување на улогата на младите и зголемување на нивното учество во општествените и институционалните процеси. Било оценето дека создавањето повеќе можности за младите може да придонесе за економскиот развој и спречувањето на иселувањето, паралелно со потребата од унапредување на квалитетот на образованието.
Посебно внимание било посветено на заштитата и унапредувањето на правата на етничките заедници, како и на остварувањето на стратешките цели на Северна Македонија во соработка со нејзините традиционални партнери, меѓу кои и Обединетото Кралство.
Средбата, како што велат од Министерството, ја потврдила заедничката определба за продолжување на дијалогот и соработката меѓу двете земји во насока на поголема безбедност, инклузивност и општествена кохезија.

