Реклама

Македонија чекор поблиску до единствениот европски енергетски пазар – целосна интеграција можна во 2027 година

Денеска е „Црн петок“ – ден за шопинг со реални или нашминкани цени?

Млади иновации за подобри општини

Кристијан и Сара не се соочија во судница – судењето одложено за 1 декември

И Бугари во Устав би можеле да се бадијала: Во пристапните преговори може да има изненадувања што не се предвидени

Казните од „Сејф Сити“ ќе може да се плаќаат преку апликација од следната недела, системот стартува во Струмица и Штип, па во Битола

Пратенички прашања: Македонија пример за Европа и со пофалби од Брисел, ама критикувана од Филипче во Скопје

Два милиони кубни метри отпад го загрозуваат Охрид – општината работи на изработка на техничка документација

Над 2 милиони евра финансиските друштва треба да вратат на граѓаните, низа неправилности утврди „ДПИ“

Мицкоски ја прошири понудата за студентите: „М картичка“ за повеќе привилегии и поволности и надвор од учебната година

Македонија го заврши техничкиот дијалог за „Роаминг како дома“

Тилев за Алфа: Дополнителните пари од ЕУ се признание за спроведените реформи, но и поттик тие да продолжат

Македонија

Гласот зад камерата: Како жените го менуваат лицето на современиот филм

Во организација на Амбасадата на Грција во Македонија и Факултетот за драмски…

Сподели:
Фото: Алфа Вести

Во организација на Амбасадата на Грција во Македонија и Факултетот за драмски уметности, а во соработка со Универзитетот „Еуропа Прима“, вчера на Факултетот за драмски уметности во Скопје, под пригушените светла и во атмосфера на тивко исчекување, пет жени седнаа една до друга, се наведува во соопштението од организаторите на панелот. Иако доаѓаа од различни генерации и од две соседни земји: Грција и Македонија, нив ги поврзуваше истата невидлива нишка: љубовта кон филмот и тивката, упорна борба нивниот глас да биде слушнат зад камерата.

На панелот беа презентирани бројки што тежат како камен: Само еден од четири филмови во Европа е режиран од жена, во Холивуд за речиси три децении, процентот на жени режисерки кај најпрофитабилните филмови пораснал за едвај четири процентни поени, а на Оскарите, светот чекаше 81 година за една жена конечно да ја подигне златната статуетка за најдобра режија. Но, дискусијата не беше посветена на поразителната статистика, туку на оние што одбиваат да бидат само бројка.

Прва проговори професорката Бети Какламаниду од Тесалоники, жена која си поставила животна мисија да ја исправи историската неправда. Таа ја раскажа приказната за Марија Плита, првата грчка филмска режисерка, која во 50-тите и 60-тите години снимила дури седумнаесет играни филмови, а сепак била избришана од официјалните книги и етикетирана само како „Б-режисерка“. Бети се присети на 2021 година, кога сред пандемијата собрала група студенти и тргнала во потрага по заборавеното дело на Плита. Резултатот од таа двегодишна посветеност бил реставрираниот филм „Ева“ од 1953 година, приказна за бескомпромисна жена која сака да пие вода кога е жедна и си оди на среде состанок кога не ѝ се останува, оживеана со кадри што никој не ги видел повеќе од седум децении.

Реклама

Од минатото, разговорот се префрли во сегашноста, каде што борбата има поинакво, поприкриено лице. Грчката режисерка Константина Коцамани ја одведе публиката на снимањето на нејзиниот прв игран филм „Титаник Оушн“ во далечната Јапонија. Таму, меѓу подводните сцени и строгата традиционална хиерархија, таа се соочила со ѕид од молк. Екипата на почетокот не ја слушала и не ја гледала в очи, бидејќи не биле навикнати жена да раководи. Морала да зборува преку својот француски директор на фотографија за да може снимањето да продолжи. Но, најголемото откритие не ѝ се случило во Јапонија, туку кога се вратила во Европа. Тука ги препознала истите двојни стандарди, само малку завиени: кога маж вика на сет, тој е моќен лидер, а кога жена ќе го крене гласот, таа е хистерична. 

Дека жените денес снимаат похрабри филмови од мажите, потврди и Ана Опачиќ, режисерка, професорка, фестивалска организаторка и, како што самата со насмевка додаде на почетокот, мајка. Таа раскажа дека во нејзиниот фестивалски тим речиси сè сите жени, но и како нејзината камера се свртела кон оние што општеството најчесто ги прави невидливи, а тоа се старите луѓе. Инспирирана од записите на Мишел Уелбек за осаменоста и табуата околу староста, Ана потсети дека филмот не е само забава, туку прозорец преку кој светот учи да ги види и да ги разбере заборавените.

А потоа зборот го зедоа двете македонски авторки, носејќи ја суровата искреност на нашето поднебје. Марија Апчевска, режисерката на филмот „Северен пол“, зборуваше за невидливите кафези во кои индустријата се обидува да ги затвори женските автори. Таа предупреди на стапицата наречена „женски поглед“, етикета што навидум звучи како комплимент, но често служи за да им се каже на жените дека треба да се држат до „мали“, интимни приказни и улоги на вечни жртви, додека големите буџети и приказните со машки херои остануваат туѓа територија. „Секој нов филм е почеток од нула“, рече Марија, потсетувајќи дека дури и по меѓународните успеси, жените мора одново да се докажуваат, одбивајќи да снимаат по квоти и минливи трендови.

На крајот, најмладата меѓу нив, Косара Митиќ, ја сподели својата седумгодишна одисеја до првиот долгометражен филм. Почнала во 2016 година, потресена од една вест што ја натерала да се запраша во каков систем живееме. Со години тропала на врати, слушала ветувања да почека „уште една или две години“, сè додека не го адаптирала сценариото и не успеала да го сними филмот кој подоцна стана македонски кандидат за Оскар. Но, најтешкиот дел не биле ниту парите ниту чекањето, туку аудициите. Седум години по нејзината првична идеја, пред неа седнале млади девојки со приказни за насилство, тајни бремености за кои не знаеле ниту нивните родители и абортуси поминати во тишина. Стигмата на Балканот, заклучи Косара, сè уште живее во молкот.

Кога дискусијата приврши, во салата остана да лебди една едноставна, но моќна мисла: работата на еден филм трае пет, шест или седум години и засекогаш го менува животот на оној што го создава. Затоа, единствениот пат што вреди да се изоди е патот на личната, непоткуплива вистина, а тоа е приказната што мора да се раскаже, без разлика кој седи од другата страна на камерата.

На Фестивалот на грчки филм во Скопје, синоќа ексклузивно беше прикажан филмот „Ева“, режиран од Марија Плита, првата жена режисерка во Грција. Кога во 1953 година филмот бил прикажан во Грција, бил оценет како смела мелодрама. Со текот на времето целосно исчезнал од филмската историја, заедно со неговата режисерка, а по повеќе од седумдесет години се враќа како повторно откриено дело на филмскиот модернизам и редок пример на раното женско авторство во повоената европска кинематографија.