Министертството за образование и наука објави резултати од Конкурсот за доделување стипендии на редовни студенти Роми запишани на додипломски студии на јавните и приватните универзитети и високообразовни установи за студиската 2026/2027 година.
На веб-страницата на МОН објавена е листа на кандидати што ги исполнуваат конкурсните услови за добивање стипендија за студенти Роми запишани во прва студиска година на јавните и приватните универзитети и високообразовни установи во земјата и листа на кандидати што ги исполнуваат конкурсните услови за добивање стипендија за студенти Роми запишани во останатите студиски години на јавните и приватните универзитети и високообразовни установи во земјата за академската 2026/2027 година.
МОН соопшти дека сите апликанти ќе добијат решение преку електронскиот портал e-uslugi.mon.gov.mk во делот „мои апликации“ во колоната „документ за одлука“.
По добивањето на решението, жалбите треба да се поднесат до Државната комисија за одлучување во управна постапка, постапка од работен однос и инспекциски надзор во втор степен (просториите се наоѓаат на бул. „Гоце Делчев“ бр.18 – зграда на МРТВ , 11. кат), во рок од 15 дена од приемот на решението.
-Незадоволните апликанти не треба да поднесуваат и доставуваат жалби пред да добијат решение. Добитниците на стипендија не треба да доставуваат испечатени и потпишани договори. Сите права и обврски за користењето на стипендијата се наведени во решението, се наведува во објавата на МОН.

