Национален ЛАПСИ форум 2026 – „Од младински идеи до локални решенија“ ќе се одржи денеска во Скопје, во организација на Институтот Охрид. Форумот е завршен настан на проектот ЛАПСИ – Локални активни платформи за социјални иновации, преку кој младите во изминатите месеци работеа на идентификување на проблемите во своите заедници и предлагање конкретни решенија.
Во рамки на три циклуси работилници, истражувања и тимска работа, младите развиле вкупно 58 оригинални идеи, од кои 27 се избрани за националното финале.
На форумот се очекува учество на околу 160 млади и членови на локалните жири-комисии, како и претставници на државните и локалните институции, меѓународните партнери и граѓанскиот сектор.
Учесниците ќе ги презентираат своите идеи од областа на социјалните и дигиталните иновации, подобрувањето на квалитетот на животот во локалните заедници, граѓанското учество и решавањето на општествените предизвици.
На свеченото отворање се најавени обраќања на министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски, францускиот амбасадор Кристоф Ле Риголер, претставникот на Европската асоцијација за локална демократија (АЛДА), Катица Јанева, и извршната директорка на Институтот Охрид, Билјана Јанева.
Централниот дел од форумот ќе биде посветен на презентацијата на финалистичките идеи и прогласувањето на најдобрата социјална иновација за 2026 година.
Од Институтот Охрид посочуваат дека целта на проектот е да се поврзат младите со институциите и да се создадат можности нивните идеи да прераснат во конкретни решенија за подобрување на животот во локалните заедници.

