Во Скопје денеска се одржа годинашната Национална конференција „Унапредување на социјалната заштита на лицата со попреченост на локално и национално ниво“. Во фокусот на дискусијата беа сеопфатната пристапност, финансиската одржливост и децентрализацијата на социјалните услуги, меѓусекторската соработка, поврзувањето на општините ширум Македонија, достапноста до пазарот на трудот и поддршката за целокупниот тој развој, низ практична примена на мотото „Ништо за нас без нас“ како основно начело.
За најзасегнатите, граѓаните со попреченост – физичката, сообраќајната, информативната пристапност останува најгорлив проблем и најосновна, најголема попреченост во општеството. Во таа смисла, покрај попристапен сообраќај и подостапни јавни установи, присутните побараа и современи, модерни живеалишта, т.е. згради коишто нема да бидат секојдневна пречка за движењето на лицата со попреченост. Се посочи и малиот број асистенти кои им стојат на располагање, како и некои регулативни недоречености во оваа проблематика коишто, според панел-дискутантите, би требало да се исправат.
Се побара и подостапна здравствена помош и психолошка поддршка, како за овие граѓани, така и за нивните семејства.
Конференцијата е организирана од Центарот за младински активизам „КРИК“, Меѓународната организација „Каритас“ и проектот за инклузија без граници „Кордијал“, во рамки на Националната група за застапување (НАГ). Настанот е поддржан од Европската Унија.
– Унапредувањето на правата на лицата со попреченост на локално ниво ни е приоритет нам како хуманитарна организација веќе 35 години. Целта е да можеме сите да се чувствуваме рамноправни, а особено значајна улога сиве овие години имала, има и, се надевам – ќе има локалната самоуправа, нагласи протојереј-ставрофор отец д-р Зоран Стојанов, директор на „Каритас Македонија“, на отворањето на Конференцијата.
Во своето видеообраќање, аташето за социјални политики, здравство, грижа и потрошувачи од Австрија, Харолд Бреза-Фугер рече дека важно е македонското законодавство да се усогласи со „Аки коминотер“ – законодавството на ЕУ, со особена нагласка на директивите и регулативите коишто ги засегаат граѓаните со попреченост, како и Конвенцијата на Обединетите Нации за правата на лицата со попреченост.
– „Ништо за нас без нас“ е клучен слоган којшто ја истакнува важноста од постојана вклученост на лицата со попреченост во сите области што ги засегаат и коишто им се битни – изјави Бреза-Фугер.
Градоначалникот на Валандово, Ѓоко Камчев вели дека неговата општина, иако мала, има повеќе проекти за граѓаните со попреченост, но потребни се нови модели на финансирање. Тој истакна дека неговата врата е секогаш отворена за оваа категорија граѓани.
– Важно е и да не ги гледаме овие луѓе само преку призмата на социјална помош. Мора да ги вклучиме во македонската економија и во пазарот на трудот, подвлече Камчев.
Говорејќи за многу извесното поврзување на повеќе општини од југоисточна Македонија, тој најави поддршка за проектот „Инклузивна плажа во Дојран“ и други проекти во соседните општини, барем по едно исправно возило за потребите на лицата со попреченост во секоја општина, како и соработка со четирите општини во Струмичката Котлина, но и прекугранична соработка со Бугарија и Грција коишто се членки на ЕУ.
Како и повеќе соговорници, и тој се согласи оти постои недоволна информираност кај лицата со попреченост за нивните до денес стекнати права, и дека надлежните треба да го подобрат тој аспект.
– Општина Битола, како поголема општина, има поголеми капацитети во однос на социјалните услуги и мерките што се однесуваат на овие граѓани. Но, сметам дека ниедна таква активност, услуга или мерка како проект не треба да бидат краткорочни – сѐ тоа, сите тие активности мора да бидат долгорочни и овие граѓани секојдневно да имаат полза од тоа. А пак, долгорочната финансиска одржливост бара постојано достапен персонал и ресурси, што ќе ја намали институционалната зависност на лицето со попреченост. Не треба тој или таа како граѓанин да оди од еден на друг шалтер. Општината треба да ги донесе институциите кај тоа лице, подвлече заменик-градоначалничката на Битола, Марина Крстиќ, која е и специјален едукатор и рехабилитатор.
Натаму, в.д. директорот на Меѓуопштинскиот центар за социјална работа на Град Скопје, Хамза Амети посочи дека по проблемите и привременото затворање на Дневниот центар за лица со Даунов синдром во 2024 година, оваа установа сѐ уште не работи со полн капацитет, но полека си ги враќаат ингеренциите, па корисниците наскоро ќе може да се ползуваат од неговите услуги.
– Постојат многу работи што се развиваат, а за коишто пред 10 години не ни замислувавме дека е возможно. Сега има многу широк спектар на социјални услуги, и да – тие делумно одговараат на потребите на лицата со попреченост. Меѓутоа, сѐ уште има области каде што сѐ тоа може да се подобри – вели извршната директорка на ЦМА „КРИК“, Мила Карадафова Ангеловска.
Во таа смисла, таа ја истакна деинституционализацијата како прилично позитивен пример, проследен со поддржано самостојно живеење и 24-часовна поддршка за којашто услуга „КРИК“ е лиценциран. Но, посочи дека оние лица кои ја добиваат таа 24-часовна поддршка, ги губат сите други поволности што им следуваат како лица со попреченост, и оти тоа треба да се промени.
– Натаму, друг предизвик се капацитетите. На национално ниво, капацитетите се многу ограничени. Листите на чекање во центрите за социјални услуги се постојано полни и за жал, на ред се доаѓа со смрт на корисник. И тоа е нешто што мора да се промени, со давање финансиска поддршка на приватните даватели на услуги да можат да пружат помош на поголем број корисници – дополни Карадафова Ангеловска.
Според неа, помошта треба да биде насочена кон сите возрасни групи, но особено со нагласка кон младите кои имаат потреба од образование, рекреација, спорт, културен и ноќен живот, но и семејна и професионална реализација.
Панел-дискутантите се согласија дека соработката и со државните институции, како и со граѓанските здруженија – мора да продолжи и да се унапредува.
– Во таа смисла, ќе ја посочам Општина Кисела Вода која ни ги отстапи урбаните (по старо – „месните“) заедници на користење на граѓанските организации посветени на потребите на лицата со попреченост… Значи, помошта не мора секогаш да биде парична, посочи Карадафова Ангеловска.
Настанот продолжи со отворена дискусија под мотото „Ништо за нас без нас“ со нагласка на спроведувањето на тие начела во практика. Панелистите ја истакнаа и идејата – во рамки на локалната самоуправа, да се основаат совети. Такво едно тело во склоп на општината, барем еднаш месечно би ги собирало надлежните власти и претставниците на граѓанските организации на лицата со попреченост, со цел дијалог, размена на идеи и делотворно унапредување на правата и квалитетот на граѓаните со попреченост.

