Во Општина Делчево се одржа конститутивната седница на Општинскиот совет за превенција од детско престапништво, со што започнува воспоставувањето координиран и системски пристап во превенцијата на детското престапништво и заштитата на децата и младите.
За претседател на Советот, како што информираа од Општината беше избранa Емилија Димитровска, педагог во Центарот за социјални работи, а за секретар Анита Цоневска, граѓанска активистка и правник во Организација ЖЕНА.
-На седницата беа донесени Деловникот за работа и Програмата за работа на Советот, со кои се утврдуваат начинот на функционирање, надлежностите и приоритетните активности на ова тело. Советот ќе има важна улога во поврзувањето и координацијата на институциите и другите релевантни чинители, со цел навремено препознавање на ризиците, преземање превентивни активности и создавање побезбедна средина за секое дете, информираа од Општина Делчево.
Активностите ќе бидат насочени кон спречување на врсничкото насилство и насилството во училиштата, превенција од ризични однесувања и зависности, како и зголемување на безбедноста на децата во дигиталниот простор.
Во фокусот ќе бидат и поддршката на семејствата и јакнењето на родителските капацитети, социјалната инклузија и помошта за децата во ризик, како и унапредувањето на институционалната соработка.
Од Општина Делчево порачуваат дека грижата за децата и нивната безбедна иднина е заедничка одговорност на институциите, семејството и целата заедница, а превенцијата треба да започне пред да се појави проблемот.

