Општина Берово исплати субвенции за набавка на енергетски ефикасни грејни тела на 41 граѓанин кои ги исполниле условите од јавниот повик.
Мерката е дел од Програмата за енергетска ефикасност на Општина Берово за 2026 година, со која се поддржува набавката на инвертер клима уреди и топлински пумпи.
-Средствата за одобрените субвенции се исплатени на трансакциските сметки на корисниците, чии барања ги исполниле условите утврдени во јавниот повик. За реализација на оваа мерка, од Буџетот на Општина Берово за 2026 година се издвоени вкупно 600.000 денари, информираа од Општината.
Од локалната самоуправа посочуваат дека со ваквата поддршка се очекува да се намалат трошоците за загревање на домаќинствата.
-Исто така очекуваме со оваа мерка да се поттикне порационално користење на енергијата и да се придонесе кон намалување на загадувањето на воздухот, додадоа од Општина Берово.
Листата на граѓани чии барања за субвенционирање се одобрени е објавена на официјалната веб-страница на Општина Берово.

