Министерството за спорт, во соработка со европските партнери на проектот ELEVATE-SS, денеска во Клубот на пратениците во Скопје го организираше Европскиот форум „EVERY FAN MATTERS“, посветен на унапредувањето на пристапноста и инклузијата во спортот, со посебен фокус на фудбалот и можностите лицата со попреченост рамноправно да ги следат спортските натпревари, се наведува во соопштението од Министерството за спорт.
Министерот за спорт Борко Ристовски, во воведното обраќање, ја нагласи важноста на проектот ELEVATE-SS, кој има за цел да придонесе кон создавање подостапна и поинклузивна спортска средина, во која секој ќе има еднаква можност да присуствува на спортски натпревари и да биде дел од спортската заедница.
„Пристапноста на спортските објекти и стадионите не подразбира само обезбедување соодветна инфраструктура. Таа значи создавање услови секој навивач, без оглед на своите способности, да може самостојно и достоинствено да присуствува на натпревар. Веруваме дека секој човек има право да ужива во спортот, да навива за својот клуб и да биде дел од спортската заедница. Токму затоа нашата цел е да создадеме спортска средина во која се почитуваат различностите, се практикува еднаквоста и пристапноста станува стандард, со единствена и јасна порака дека секој навивач е важен!“ – истакна Ристовски.
Проектот ELEVATE-SS, финансиран од Европската Унија преку програмата Еразмус+, има за цел развивање современи обуки со висококвалитетна дигитална содржина за персоналот на стадионите. Преку примена на вештачка интелигенција, дигитални технологии и 3Д виртуелни модели, ќе се овозможи интерактивна и практична едукација на лицата задолжени за безбедност, редарската служба, угостителските услуги и продажбата на билети.
Водечки партнер на проектот е Фудбалската федерација на Романија, а во неговата реализација се вклучени седум европски партнери. Вкупната вредност на проектот изнесува 400.000 евра.
„Нашата цел е јасна – да изградиме спортска инфраструктура во која пристапноста нема да биде само инфраструктурно прашање, туку дел од целокупното искуство на секој навивач. Тоа подразбира сè, од пристигнувањето на стадионот, купувањето билети и движењето низ објектот, до комуникацијата со персоналот и, секако, уживањето во спортските натпревари.
Како Министерство за спорт, веруваме дека преку овој проект ќе придонесеме за унапредување на политиките за инклузија и пристапност во спортот“ – посочи Гордана Цветковска Бошевска, координаторка на проектот и посебен советник во Кабинетот на министерот за спорт за ЕУ-проекти и децентрализација.
Форумот во Скопје обедини претставници на европските проектни партнери, фудбалски клубови и лиги, национални спортски федерации, јавни институции, организации на лица со попреченост, експерти, спортисти и спортски работници, со заедничка цел – размена на знаења и искуства за развој на подостапна и поинклузивна спортска средина.
„Претставници од Португалија, Франција, Полска, Македонија, Швајцарија, Велика Британија и Романија се обединија околу една тема која во последните десет години добива сè поголемо значење, а тоа е пристапноста во спортот. Зборуваме за фудбалот затоа што доаѓаме од фудбалската средина, но наша одговорност е, како спортски феномен со најголемо влијание во Европа, да придонесеме и другите спортови на континентот да имаат корист од овие иницијативи“ – рече Константин Флорин Шари, главен координатор на проектот ELEVATE-SS и менаџер за јавни политики и општествена одговорност во Фудбалската федерација на Романија.
Во рамки на форумот беа споделени лични искуства и сведоштва на лица со попреченост и спортисти, кои ги презентираа своите гледишта, потреби и конкретни предлози за подобрување на пристапноста во спортските објекти. Дополнително, беа презентирани можностите што ги нудат DisTech-решенијата (технологии за лица со попреченост) за отстранување на бариерите и создавање подостапни услови за следење на спортските натпревари.
Европскиот форум во Скопје отвори простор за размена на знаења, искуства и добри практики, презентација на иновативни технолошки решенија и зајакнување на соработката меѓу спортските организации, институциите, експертите и организациите кои работат на унапредување на правата и можностите на лицата со попреченост.
Министерството за спорт останува посветено на создавање спортска средина во која пристапноста и инклузијата ќе бидат стандард, а секој човек ќе има еднаква можност да спортува, да ги следи натпреварите и активно да учествува во спортскиот живот.
EVERY FAN MATTERS – секој навивач е важен, а спортот треба да биде достапен за сите!

