Општина Струмица формираше Координативно тело за справување со загадувањето на воздухот и следење и откривање на загадувачите, а во него ќе членуваат претставници на државни и општински институции.
Ова е заклучoкот од денешната седница на Локалниот совет за превенција на која се расправаше за активности и мерки за заштита на животната средина и квалитетот на амбиенталниот воздух во Општина Струмица.
Според градоначалникот Петар Јанков, ова година Струмица го зголемила бројот на мерните станици од 6 на 12 и плус таа на Министерството за животна средина и просторно планирање, со што се создадени услови за следење на квалиетот на воздухот на повеќе локации.
-Формиравме Координативно тело со цел за размена на информации од сите релеватни институции на локално ниво и сите заедно треба да бидеме покоординирани во справувањето со загадувањето. Разговаравме и дебатиравме за повеќе прашања во делот на аерозагадувањето и притоа произлегоа повеќе предлози, а од следната недела Координативното тело ќе почне да делува и ќе има работни состаноци за да можеме сите заедно да работиме на намалување на аерозагадувањето – изјави Јанков.
Додаде дека посебен проблем се дивите депонии, бидејќи, како што рече, секое населено место во Струмица има таква депонија и цел на Општината сите овие депонии да бидат расчистени и да се одредат места каде ќе се врши претоварување и селекција на отпадот и кој понатаму ќе биде третиран од комуналното претпријатие.

Според екоактивистите, загадувањето на воздухот во Струмица не се должи само од домаќинствата и возилата, туку во определени периоди од денот се забележуваат пикови кога во воздухот има присуство на сулфур, кој според еколозите доаѓа од согорување на масла и петрол кокс.
Тие побараа од надлежните ефикасно справување со проблемите на загадувањето на амбиенталниот воздух, а својот став го изразија и преку транспарент на кој беше напишано „Време е да превенирате, а не само да си дискутирате“.

