Универзитетот „Гоце Делчев“(УГД)– Штип во текот на изминатата недела бил цел на сајбер-напад насочен кон дигитална инфраструктура – соопштуваат од УГД-Штип.
Во соопштение се наведува дека веднаш по детектирањето на неовластената активност, техничките тимови на универзитетот постапиле согласно со актуелните безбедносни протоколи и превентивно ги изолириле засегнатите системи, со цел да се спречи понатамошно ширење на инцидентот.
-Настанот веднаш беше официјално пријавен до Националниот центар за одговор на компјутерски инциденти (МКД-ЦИРТ), како и до останатите надлежни институции. Во изминатите денови, стручен тим за дигитална форензика и сајбер-безбедност, во координација со нашите информатички служби и според пропишаните стандарди, спроведе детална форензичка анализа на инцидентот – се вели во соопштението од УГД-Штип.
Во тек е целосна санација на инфраструктурата и подготовка за безбедно пуштање на сите сервиси во функција.
-Клучни информации за состојбата на податоците и системите: Валидни и безбедни резервни копии: Потврдуваме дека резервните копии на сите универзитетски системи и бази на податоци се целосно валидни, зачувани и во одлична состојба, што овозможува сигурно и контролирано враќање на сервисите. Враќање на сервисите: По целосното завршување на форензичката постапка и безбедносните проверки, ќе започнеме со етапно и контролирано пуштање во употреба на дигиталните сервиси – соопштуваат од УГД-Штип.
Посочуваат дека за секој обновен сервис студентите и вработените ќе бидат навремено известени преку официјалните канали на универзитетот.
-Наставниот и административниот процес продолжија да се одвиваат непречено, со соодветно приспособување до целосната нормализација на дигиталните платформи. Студентите и вработените беа навремено известени дека сите потребни потврди и документи можат редовно да ги извадат во физичка форма на шалтерите на студентските служби и оваа пракса продолжува сè до целосното враќање на електронските сервиси. Им благодариме на студентите, наставниот кадар и соработниците за разбирањето, трпението и поддршката – велат од УГД-Штип.

