Над 50 млади од Северна Македонија, Србија и Косово на 24 ноември во Крушево ќе седнат на иста маса за да разговараат за довербата, сеќавањето и мирот.
Како што информираат од Младинска алијанса – Крушево средбата ќе се одржува во рамки на Меѓународната младинска конференција „Младите на маса: обликување на мирот и безбедноста преку дијалог за политики“.
На 24 ноември се отвора изложба „Сеќавање на иднината“. Во неа младите од трите земји ја прикажуваат својата гледна точка: медиумски содржини што самите ги создале, приказни и предмети собрани на заедничките патувања низ местата на сеќавање, и „Писма од иднината“ што им ги пишуваат на генерациите по нив. Истата вечер младите ќе зборуваат и за тоа што ги научиле границите. Изложбата ќе биде отворена за граѓаните до 27 ноември.
– Три дена, три тешки прашања Може ли регионот да се ослободи од товарот на минатото? Како да се гради доверба во време на несигурност и лажни вести? И каква улога имаат младите кога треба да се спречи следниот конфликт? Овие прашања младите ќе ги отворат на три панел-дискусии со истакнати говорници од регионот: • Среда, 25 ноември – „Наследени истории, заедничка иднина“: со Бленди Ходаи (Форум за образовна промена), Миодраг Милицевиќ (НВО Актив, Северна Митровица) и Дино Чупевски (Атриум, Скопје) • Четврток, 26 ноември – „Довербата под притисок“: со Игор Бандовиќ (Белградски центар за безбедносна политика), Орхан Чека (Институт Либерална алтернатива) и Боро Китаноски (Мировна акција, Прилеп) • Петок, 27 ноември – „Најди ја својата цел“: со Виктор Бучковски (ХЕРА), Ивана Петровска (УНДП Северна Македонија) и Владимир Ѓорѓевски (раководител на Локалната канцеларија во Скопје), во духот на Резолуцијата 2250 на Советот за безбедност на ОН за младите, мирот и безбедноста – се наведува во соопштението.
Додаваат дека по секој панел следува тркалезна маса. Настанот е во организација на Младинска алијанса – Крушево како дел од регионалниот проект „PRO PEACE: Патот на младите кон одмрзнување на регионалната доверба, стабилноста и безбедноста“.

