Претседателот на Собранието, Африм Гаши, упати честитка до припадниците на албанската заедница по повод 22 Ноември – Денот на албанската азбука.
-Почитувани граѓани Албанци, 22 Ноември, Денот на албанската азбука, нè потсетува на еден од најзначајните моменти во албанската историја. Конгресот во Битола од 1908 година означи пресвртница за јазикот, образованието и националниот идентитет. Битола стана местото каде што албанските преродбеници ги обединија знаењето, визијата и посветеноста за една заедничка цел. Нивната одлука беше повеќе од јазично достигнување; таа претставуваше чин на далекувидост, единство и одговорност кон идните генерации – истакнува Гаши.
Јазикот, како што посочува Гаши, го отелотворува идентитетот на еден народ.
-За Албанците, тој засекогаш останува обединувачка врска, носител на историјата и нераскинлив израз на достоинството на народот. Во Македонија, тој исто така претставува мост на комуникација, разбирање и соживот меѓу нашите граѓани. Во својство на претседател на Собранието на Македонија, во која Албанците се државотворен народ, овој ден го сметам како момент за размислување за нашата заедничка одговорност да ги гарантираме еднаквоста, почитувањето на јазичниот и културниот идентитет, правичната застапеност и еднаквите можности за сите. Ова се темелни вредности за изградба на демократска, праведна и инклузивна држава. Нека 22 Ноември ни послужи како потсетник дека почитувањето на јазикот и идентитетот на едни со други е темел на единството и на нашата заедничка иднина – нагласува Гаши во четитката.

