Зајакнувањето на регионалната одбранбена соработка, интероперабилноста и заедничките одбранбени капацитети е од суштинско значење за справување со современите безбедносни предизвици, истакнал началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски, на 14. состанок на началниците на генералштабовите на земјите членки на Иницијативата за соработка во одбраната (DECI), што се одржал во Тирана.
Како што соопшти Генералштабот на Армијата, Лафчиски во своето воведно обраќање нагласил дека иницијативата DECI и италијанскиот концепт ITA-FNC создаваат значајни можности за продлабочување на партнерството, развој на одбранбените способности, обуката и оперативната подготвеност во рамки на НАТО и Европската Унија.
На состанокот, на кој учествувале и високи воени претставници на НАТО и ЕУ, меѓу кои заменик-командантот на Здружената команда на НАТО во Неапол, командантот на КФОР и командантот на ЕУФОР, се разговарало за актуелните безбедносни предизвици, регионалната стабилност и идниот развој на одбранбената соработка.
Во рамки на панел-дискусиите, Лафчиски ги споделил ставовите за значењето на регионалното партнерство и координираниот пристап во справувањето со безбедносните закани, при што ја нагласил важноста на меѓусебната доверба и заедничкиот придонес кон колективната безбедност.
На состанокот биле разгледани и идните активности во рамки на иницијативата DECI, насочени кон натамошно продлабочување на партнерството и зајакнување на заедничките одбранбени капацитети.

