Инфлација под три проценти. Владата е фокусирана до крајот на годинава да ги сведе трошоците за живот на минимум. По периодот на стабилизација и инфлација која е најниска во регионот, но и во еврозоната, амбициите се трендот да продолжи. Мерките кои се преземаат се очекува допрва да имаат уште поголем ефект. Министерот Дурмиши е оптимист, иако притисоците однадвор се сериозни.
„Имаме најниска инфлација во регионот и споредбено со земјите во Европа. Ние, не се фалиме дека е добра ситуацијата, да ќе работиме и понатаму за да имаме помала инфлација“, изјави министерот за економија Бесар Дурмиши.
Владата успешно се справува и одолева на притисоците со низа мерки. Намалената акциза и ДДВ за горивата ги прават цените на бензинските станици кај нас најевтини. Ова влијае и врз индустријата, каде што горивата се значаен дериват во производството. Цените растат, но сепак тоа не е драматично високо. Според последните податоци, владината потрошувачка кошничка во октомври достигнала 59.149 денари. Ова, според Дурмиши, најмногу е резултат на цените на овошјето и зеленчукот, но и на пијалаците.
„Најголемо зголемување има кај овошјето и зеленчукот во делот на храната и пијалоците, затоа што знаеме дека ова се сезонски производи и ова е време каде што се зголемуваат цените во овој дел. Дополнително сакам да кажам дека не е точно и не е дека треба секогаш да излегува пазарниот инспекторат кога се зголемуваат цените, но сакам да ја информрирам јавноста дека секој ден ги мониторираме цените, не само во овој временски период кога имаме зголемување на цените“, изјави министерот за економија Бесар Дурмиши.
Владината потрошувачка кошничка се покрива со две минимални плати и е пониска од илјада евра. Синдикалната, пак, е повисока и, според последните податоци, таа достигнала 70.358 денари. Разликата меѓу владината и синдикалната пресметка за октомври е 11.209 денари. Од Владата велат дека синдикалната кошничка не се пресметува со иста методологија како онаа на Владата, па оттука и не може да има споредба. Тоа се гледа и во ставките кои и во двата случаја се различни.
Она што дополнително охрабрува е што растат и платите. Па така, како најново, просечната плата достигна 49.141 денар. Дополнително ќе порасне и минималната, согласно законски утврдената формула. Дурмиши нагласува дека минималецот треба да продолжи да расте според утврдената формула, а не вештачки и под притисок на политиката, што може да има само несакани последици врз економијата.

