Нови 735 илјади евра ќе добијат македонски компании за повеќе инвестиции во производство. Се работи за пари од Унгарскиот кредит, кои се префрлени од Централниот буџет кон Развојната банка која потоа им ги префрла на деловните банки за поддршка на инвестиции коишто ги реализираат домашните бизниси. Во Буџетот за реализација на оваа мерка се предвидени вкупно 250 милиони евра. Со оваа последна транша, вкупната финансиска инјекција до компаниите досега изнесува 242 милиони евра.
„Вкупната поддршка којашто Владата досега ја реализираше во приватниот сектор преку оваа мерка изнесува 14,9 милијарди денари и има значајно влијание врз реализација на приватни инвестиции и поддршка за економската активности. Во Буџетот за реализација на оваа мерка се предвидени вкупно 250 милион евра“ – Министерство за финансии.
Премиерот и министерката за финансии во повеќе наврати нагласија дека оваа помош треба да придонесе за поголемо производство, развојни инвестиции во приватниот сектор и придонес кон економскиот раст.
Првата транша од Буџетот кон Развојната банка и домашните компании Министерството за финансии ја реализираше во март минатата година. Владата ги обезбеди парите од од унгарската Експорт-импорт банка. Компаниите аплицираат за заеми по поволни услови со каматна стапка од 1,95% и рок на отплата до 15 години со грејс период до 3 години.
Државната ревизија минатиот месец излезе со позитивен извештај за поделбата на парите преку Унгарскиот кредит до февруари 2026-та. Ревизијата покажала дека најголем дел, или над 100 милиони евра се насочени во дејноста производство, по што следуваат трговијата и транспортот. Според намената на инвестициите, најмногу се вложувало во градежни објекти и опрема. 60% од кредитите биле наменети за малите претпријатија, но од друга страна, најголема сума добиле големите компании кои за 94 проекти примиле 77 милиони евра.

