Со „Кратки приказни“ вечерва во Младинскиот културен центар во Скопје почна 51. издание на Младиот отворен театар, чие мото е „Овојпат таа кажува“.

Фестивалот, што ќе трае до 24 ноември, беше отворен со „Кратки приказни“ на Театар Антон Подбевшек од Словенија, во режија на Сања Нешковиќ Першин – опишан како театарски експеримент што ги спојува класичната глума, физичкиот театар, танцот и кореографијата.
Пред присутните се обрати директорот на МКЦ Димче Арсовски кој рече дека станува збор за сериозна традиција што ќе продолжи во многу подобра организација; има добар репертоар. Тој изрази задоволство што на отварањето, салата е исполнета.

– Многу ми е мило што полека се враќа МКЦ на вистинските патеки, онаму каде што му е местото. Ова е препознатлив фестивал. Ова е фестивал низ кој многу генерации поминале, излегле многу сериозни актерски имиња, режисерски имиња, така што тоа треба да продолжи да биде и во иднина, да биде столб на онаа независна и современа театарска сцена, што и тоа како ни е потребна за да може да се прошират сите оние идеи што ги имаат младите во нашата држава кои сакаат и треба да творат – истакна Арсовски.

Во клубот на МКЦ вечерва ќе биде изведена и претставата „Последниот час по клавир“ на Театар „071“ – „Перипетија“, во режија на Нина Николиќ – интимна приказна за бегалството, осаменоста, припадноста и човечката блискост.

Програмата на 51. издание, како што е најавено, носи театарски продукции како од нашата држава, така и од регионот, но и меѓународни гостувања обединувајќи различни генерации авторки и авторски пристапи.
За утре на програмата е „Кокошка“ на Театар Вортекс во Театар Комедија, во режија на Теодора Силјаноска, комедија според текст на Николај Кољада, опишана дека преку иронија и апсурд ги истражува човечките слабости, суетата и потребата за признание и слобода.

Меѓу регионалните гостувања се издвојуваат „Манифест“ на Словенско младинско гледалишче и Глеј Театар, во режија на Татјана Першух, кој ги отвора прашањата за технолошкиот развој и неговите последици, потоа „Три жени“ од Србија, авторски музичко-поетски театарски проект што го истражува женското творештво и историското потиснување на женскиот глас, како и „Закопани чуда“ во режија на Нина Виолиќ, интимна мултимедијална приказна за љубовта, сеќавањето и минливоста.
Програмата продолжува со „Смртен исход од атлетските повреди“ на Моје позориште од Босна и Херцеговина, во режија на Тара Маниќ, како и концерт на Арбереше, уметница од Косово која живее во Швајцарија и создава современ музички израз инспириран од традиционалната албанска музика.
На 22 ноември на програмата е претставата „Свињи“ на Златен Елец во продукција на ЦК Битола, а во режија на Тамара Стојаноска, според текст на Томислав Зајец. Претставата ја следи приказната за две сестри заробени во сопствените животи и меѓусебниот однос отворајќи прашања за слободата, човечката природа и границите меѓу човекот и животното.
Во завршницата на фестивалот се и двата танцови перформанси „Надевај се на најдоброто – подготви се за најлошото“ и „Мочуришна драма“, во соработка со Локомотива; „Мојот маж“ на грчкиот колектив Процес, во режија на Марија Манганари, според расказите на Румена Бужаровска и „Ана – непоправливата“ на Арт центар Оренда од Бугарија, посветена на руската новинарка и борка за човекови права – Ана Политковскаја.
Целосната програма на фестивалот може да се погледне на веб-страницата www.mot.mk.

