Јавниот обвинител на Македонија Ненад Савески денеска оствари средба со амбасадорот на Црна Гора во нашата земја Зоран Миљаниќ, со кого разговараше за досегашната интензивна соработка меѓу двете земји и можностите за нејзино унапредување, соопштија вечерва од Обвинителството.
На средбата била истакната одличната соработка меѓу црногорското и македонското обвинителство, како и можностите таа во иднина да биде уште поинтензивна.
– Особено поради примерот што го дава Црна Гора и во однос на својот евроинтеграциски пат и посебно во реформите во правосудниот сектор – се додава во соопштението.
Искуството на Црна Гора, пренесено од амбасадорот Миљаниќ, како што се додава во соопштението, покажува дека без владеење на правото и соодветни ресурси за конкретни мерливи резултати во борбата против корупцијата и организираниот криминал, нема напредок во патот кон ЕУ.
– Тој посебно ја нагласи важноста на исполнувањето на обврските од Поглавјата 23 и 24, како и важноста на статусот на јавните обвинители. Савески и Миљаниќ го поздравија изборот на нов шеф на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, како очекување дека ќе придонесе за нова динамика во борбата против високата корупција во нашата земја – се додава во соопштението.

