Само во ноември префрлени се 20 милиони евра кон приватните пензиски друштва. Ова е реакцијата на првиот човек на регулаторот Мапас откако СДСМ побара негово разрешување и на директорот на Фондот за ПИОМ Никола Мемов. Бајрами вели дека се труди да ги почитува законските рокови за префрлање на парите, додека пратениците на СДСМ тврдат дека има долгови од 51 милион евра.
Оваа Влада го донесе најрестриктивниот Закон со кој сериозно се ограничуваат игрите на среќа. Тој ќе почне да се применува од 1 јануари, најави вицепремирот Николоски кој одговори на обвинувањата од Левица која го критикуваше законското решение и обвини за сомнително работење на Државна лотарија. Тој појасни дека воведени се забрани за рекламирање, зголемени давачки и укинати лиценци за фирми кои сакале да се занимаваат со он-лајн коцкање.
Од Национална алијанса за интеграција се обидоа етннички да ги обојат луѓето на кои УЈП им достави решенија за наплата на данок кои пред неколку години работеле во Ирак и Авганистан. За министерката за финансии, обвинувањето е срамно, бидејќи вистинското прашање е дали данокот е платен или не, а не етничката припадност на должниците.
Дел од пратеничките прашања се однесуваа на намалувањето на бројот на училишта и ефектот од образовните реформи и на инвестициите во регионална депонија и против загадувањето. На прашањата за откуп на тутунот, министерот за земјоделство информира дека започна предвремениот откуп на тутунот и целото производство ќе биде откупено.

