Владеењето на правото не се мери само преку Уставот и законите, туку и преку искуството на граѓаните во остварувањето на правдата – порача претседателот на Собранието, Африм Гаши, на одбележувањето на 20-годишнината од основањето на Академијата за судии и јавни обвинители (АСЈО).
Во обраќањето Гаши истакна дека Академијата две децении вложува во знаењето, професионализмот и правната култура подготвувајќи кадри што имаат клучна улога во заштитата на законитоста и довербата на граѓаните во институциите.
– Квалитетен правосуден систем не може да се изгради само преку правни норми, туку бара луѓе подготвени да ги разберат, толкуваат и применуваат со знаење, интегритет и професионална независност. Затоа оценката за оваа Академија е, пред сѐ, оценка за вложувањето во квалитетот на карактерот на државата – истакна Гаши.
Осврнувајќи се на односот меѓу законодавната и судската власт, тој нагласи дека донесувањето и спроведувањето на законите се разликуваат, но се комплементарни функции на истиот уставен поредок.
Според Гаши, законите го добиваат своето вистинско значење дури кога правилно се применуваат и кога создаваат правда во животот на граѓаните.
Тој порача дека законодавците мора да бидат свесни за последиците што секоја законска норма ги има врз животот на луѓето, а судиите и обвинителите треба да имаат предвид дека зад секоја законска одредба стојат човекови права, слободи и достоинство што бараат заштита.
Гаши оцени дека улогата на Академијата не се исцрпува само во стручното оспособување на идните судии и јавни обвинители, туку и во градењето правна култура заснована на етика, интегритет и одговорност.
– Политиката може да ги утврдува насоките на развојот на едно општество, институциите може да ги дефинираат надлежностите и одговорностите, а законот може да утврди што е дозволено, а што е забрането. Но, ниту законот, ниту институцијата, ниту политиката не може да ја замени совеста на поединецот што врши јавна функција – истакна Гаши.
Во рамките на одбележувањето се обрати и претседателот на Судскиот совет, Александар Камбовски, кој порача дека Академијата треба да создава судии кои, покрај знаењето, поседуваат лична храброст и морален интегритет.
_S75TqiZAL/large.webp?use_watermark=1)
Потсетувајќи дека и самиот е дел од втората генерација слушатели на Академијата, Камбовски рече дека по две децении професионално искуство, уште појасно ги разбира тежината и одговорноста што ја носи судиската функција.
– На нашето општество му се потребни судии кои, покрај знаењето, поседуваат нешто што не може да се измери со ниеден испит, а тоа се личната храброст и моралниот интегритет. Судии што нема да ја бараат наклонетоста на моќните, кои нема да ја приспособуваат својата одлука на очекувањата на јавноста, политиката или на кој било друг центар на влијание – истакна Камбовски.
Според него, Академијата не треба да создава послушни судии, туку слободни, самостојни и одговорни личности, способни да ја бранат независноста на судството и кога тоа има своја цена.
Обраќајќи се до идните генерации судии и јавни обвинители, Камбовски порача судиската функција да не ја доживуваат само како професија, туку како јавна одговорност поврзана со човечки судбини и довербата на граѓаните во правосудството.
Во име на Советот на јавните обвинители се обрати заменик-претседателката на Советот, Маријана Илиеска, која оцени дека Академијата за судии и јавни обвинители во изминатите две децении се етаблирала како централна институција за едукација на идните и на актуелните носители на правосудни функции.
_KxvWZcJcw/large.webp?use_watermark=1)
Таа истакна дека улогата на Академијата не се ограничува само на пренесување правни знаења и професионални вештини, туку опфаќа и градење етички стандарди, професионална одговорност и свест за значењето на владеењето на правото.
– За Советот на јавните обвинители, Академијата е стратешки партнер и клучна институција преку која се подготвуваат идните јавни обвинители. Квалитетот на обвинителството во голема мера зависи од стручноста, компетентноста, интегритетот и професионалната подготвеност на јавните обвинители – истакна Илиеска.
Таа нагласи дека современите облици на криминал, дигитализацијата и зголемената меѓународна правна соработка наметнуваат потреба од постојано усовршување и современи пристапи во едукацијата, при што, покрај стручноста, особено значајни остануваат независноста, самостојноста, законитоста и интегритетот на носителите на правосудните функции.
Директорката на Академијата за судии и јавни обвинители, Ирина Трајкоска-Стрезоски, порача дека Академијата мора да остане независен филтер кој нема да прави компромиси со квалитетот и моралните вредности во правосудството.
_koHLbbUEc/large.webp?use_watermark=1)
Осврнувајќи се на актуелните состојби во судството и обвинителството, таа посочи дека правосудниот систем се соочува со кадровски дефицити, законски промени што предизвикуваат реакции во стручната јавност и растечки очекувања на граѓаните за ефикасна и неселективна правда.
– Токму во овие времиња на искушенија, улогата на Академијата е исклучително важна. Таа мора да остане независен филтер кој не дозволува компромиси со квалитетот и моралот. Силно правосудство не се гради со декларации, туку со карактер што не потклекнува под надворешни влијанија или притисоци – истакна Трајкоска-Стрезоски.
Таа нагласи дека Академијата во изминатите две децении не само што обучувала идни судии и јавни обвинители, туку придонесувала и за градење професионален интегритет и чувство за одговорност кон правдата и владеењето на правото.
– Кога ќе ја облечете тогата, запомнете дека вашата моќ не произлегува од функцијата, туку од вашата професионалност, праведност и совест – порача Трајкоска-Стрезоски додавајќи дека Академијата нема да отстапи од принципите на независност и професионалност.
Заменик-амбасадорот на Делегацијата на Европската Унија во земјата, Бен Нупнау, истакна дека Европската Унија континуирано ја поддржува Академијата уште од нејзините почетоци и оцени дека таа денес има клучна улога во подготовката на новите генерации судии и јавни обвинители.
_yGqxYsU99/large.webp?use_watermark=1)
Тој нагласи дека Академијата има значајна улога во обезбедувањето мерит-систем при регрутирањето и професионалниот развој на кадрите во правосудството, како и во организирањето на обуките и развојот на човечките ресурси.
Нупнау им посака успех на раководството на Академијата и на идните генерации судии и јавни обвинители нагласувајќи ја важноста на нивната улога во зајакнувањето на правосудниот систем и владеењето на правото.
На свеченоста присуствуваа претставници на правосудните институции, дипломатскиот кор, државните органи, судии, јавни обвинители и професори, а беа доделени и плакети и благодарници на повеќе предавачи и поддржувачи на АСЈО.

