Првиот заменик-претседател на Владата и министер за европски прашања, Беким Сали, престојува во работна посета на Литванија, во пресрет на нејзиното претседавање со Советот на Европската Унија од јануари до јуни 2027 година.
Како што соопшти Министерството за европски прашања, според програмата, Сали се сретнал со главната советничка на претседателот, Аста Скаисгирите, и имал билатерални консултации со заменик-министерот за надворешни работи, Сигитас Миткус.

-Во фокусот беа европската перспектива на Македонија, спроведувањето на реформите, постепената интеграција и унапредувањето на билатералната соработка. Министерот ја нагласи важноста од кредибилен, предвидлив пристапен процес заснован на објективни критериуми, како и потребата реформите да донесат придобивки за граѓаните и компаниите – се наведува во соопштението.

На средбите биле разгледани спроведувањето на Реформската агенда и Планот за раст за Западен Балкан, придобивките од СЕПА, можностите за соработка во дигитализацијата, кибербезбедноста и управувањето со европските фондови, како и дискусиите за подготовката на ЕУ за проширување и Повеќегодишната финансиска рамка 2028–2034.

Министерот Сали го поздравил вклучувањето на проширувањето меѓу најавените приоритети на литванското претседавање и изразил интерес за продлабочување на соработката во процесот на европската интеграција.

