Реновирањето на студентскиот дом „Кузман“ е при крај. Со почетокот на летниот семестар студентите ќе се сместат во обновени модерни соби според европски стандарди. 280 млади од други градови ќе имаат можност да дојдат да студираат во главниот град без да се грижат дали ќе имаат струја, топла вода или пак влага во нивните соби.
„Ова е втор реконструиран дом, за две ипол години ги завршуваме заедно со „Стив Наумов“, во декември ќе почнеме со останатите седум домови во различни градови, а по нив ќе продолжиме со училишта со ресурсни центри… Оваа Влада води грижа за студентскиот стандард и вложувањата се зголемени во споредба со изминатите години.“ – вели министерката за образование и наука Весна Јаневска.
Секој студент ќе добие своја еднокреветна соба. Домот располага со модерно опремена кујна, во која студентите можат сами да си подготвуваат оброци, да сварат кафе или чај. Ќе продолжи да функционира и мензата, каде што секојдневно се подготвуваат топли оброци. Таа е веќе реновирана.
„Условите се идеални, овие услови се најдобри во регионот и пошироко. Домот располага со еднокреветни соби, плакар, работна маса, столчиња, кревет, централно греење, кујна, тоалети, 8 студенти имаат заеднички бањи.“ – вели директорот на државните студентски домови, Александар Каровски.
Надлежните велат дека ова е дел од поширок план за реконструкција на 9 студентски домови како и 6 училишта со ресурсни центри што предвидува инвестиции од повеќе од 80 милиони евра. Инаку владата дополнително вложува во подобрување на студентскиот и образовниот стандард. За прв пат оваа година се доделуваат и стипендии за деца со посебни потреби, стипендии за студенти кој боледуваат од ретки болести, се доделуваат субвенции за топол оброк и се инвестира во науката.

