Наскоро ќе биде објавен тендер за изведувач на доградбата на двете згради кај Ректоратот на УКИМ што ќе ги користи Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ).
Во моментов трае периодот за сугестии за архитектонското решение, кое се разликува од првичното од пред десетина години.
-Тоа мислам ќе се заврши многу скоро, во денови го броиме времето, потоа ќе се распише тендер за изведувач за доградбата. И тоа ќе трае најмалку шеесетина дена, или деведесет дена, и потоа ќе пристапиме кон реконструкција на овие згради – изјави министерката Весна Јаневска одговарајќи на новинарски прашања по увидот во завршните активности од темелната реконструкција на студентскиот дом „Кузман Јосифовски-Питу“.
Како што рече, целата процедура траела малку подолго поради потребата да се утврди состојбата на недоградените објекти и во колкава мера тие се оштетени.

-Овие згради 10 години стојат така непипнати, на време и невреме. Тоа го направивме со УКИМ, предводени од Градежниот факултет и претставници на многу факултети – Машинскиот, ФЕИТ, Архитектонскиот, исто така беше вклучен и ИЗИИС. Тоа се направи, потоа побаравме идејно решение, добивме идејно решение, па распишавме повторно тендер за архитектонско решение и тоа е сега при крај. И тоа малку потраа затоа што фалултетите даваат сугестии за архитекстонскто решение, кое не е исто како тоа што било претходно – соопшти Јаневска.
Минатата година беше одлучено двете згради во кампусот на УКИМ да му припаднат на ФИНКИ, а за Факултетот за физичка култура (ФФК), за кој со планот од 2013 беше наменета еден од нив, ќе се гради објект на сегашната локација на факултетот.

