Два монографски труда ќе бидат промовирани денеска попладне, на затворањето на дводневната манифестација Мисиркови денови во МАНУ, чие трето издание го организираат пет национални институти. Манифестацијата годинава е посветена на еден век од смртта на Крсте Петков Мисирков (1874 – 1926) – прв кодификатор на македонскиот јазик, славист, иторичар, публицист, етнограф, преведувач.
„Социолошкиот дискурс на Крсте Петков Мисирков: За македонскиот идентитет и за нацијата“ е насловот на публикацијата на проф. д-р Ганка Цветанова, која ќе ја промовира академик Катица Ќулавкова. Проф. д-р Димитар Пандев е автор на изданието „Окружението на Мисирков“, кое ќе го претстави проф. д-р Лилјана Гушевска.
Третите Мисиркови денови ќе бидат заокружени со изложба на најновите изданија на петте национални инстутути организатори на манифестацијата: за национална историја, за македонски јазик, за фолклор, за македонска литература и за старословенска култура.

Претходно, ќе бидат одржани уште четири сесии од меѓународната научна конференција „Славистиката и македонистиката – историски и современ дискурс“, која почна вчера во рамките на Мисирковите денови. На конференцијата има повеќе од 40 учесници од земјата д странство, кои се претставуваат со теми од разни аспекти на делото на Мисирков, со цел сеопфатно проучување на македонското историско, јазично и културно наследство.
Идејата за манифестацијата Мисиркови денови во 2024 ја иницира Институтот за национална историја (ИНИ) по повод 150 години од раѓањето на Мисирков, а годинава во организирањето се вклучени и другите четири сродни национални институти.

