Извештаите на Европската комисија треба да се разгледуваат не само од политички, туку и од стручен аспект, со цел да се извлечат конкретни заклучоци и препораки за подобрување на состојбите, порача претседателот на Комисијата за европски прашања и пратеник Антонијо Милошоски на отворањето на тематската дебата „Извештаите на Европската комисија за владеење на правото во Македонија – наоди и парламентарен надзор“.
Милошоски истакна дека со одржувањето на ваквите дебати Комисијата за европски прашања и Националниот совет за евроинтеграции ја продолжуваат воспоставената практика на јавна расправа за наодите од извештаите на Европската комисија.

-Темата е јасна и важна. Целта денес не е само повторно да ги слушнеме наодите, туку да видиме што се повторува во овие извештаи секоја година, да ги согледаме причините зошто нешто се повторува и да видиме со кои дејствија би можеле да ги подобриме состојбите и да дадеме препораки до извршната власт – истакна Милошоски.
Според него, ваквите настани овозможуваат поголема отвореност на Собранието и вклучување на експертската јавност во процесот на анализа на клучните прашања поврзани со евроинтеграциите и владеењето на правото.
Милошоски нагласи дека парламентот има обврска да врши надзор над работата на извршната власт, но и да обезбеди простор за мислењата на експертите, граѓанскиот сектор и меѓународните партнери.
Тематската дебата беше организирана од Комисијата за европски прашања и Националниот совет за евроинтеграции, а беше посветена на наодите од извештаите на Европската комисија во делот на владеењето на правото и парламентарниот надзор.

