На 18 ноември ќе продолжи седницата за опозициски пратенички прашања што беше прекината на 12 ноември, по што ќе продолжи и работата по 130. собраниска седница, најави денеска претседателот на Собранието, Африм Гаши по координацијата со координаторите на пратеничките групи.
-Значи, се договоривме пратенички прашања да продолжат. Седницата што беше прекината, ќе ги продолжиме пратеничките прашања прво, па потоа ќе одиме со седницата – рече Гаши.
Осврнувајќи се на дилемите околу прекинатата седница за опозициски пратенички прашања, Гаши потенцира дека постоеле различни толкувања на Деловникот во однос на тоа дали паузите треба да се пресметуваат во предвидените два часа за поставување прашања.
-Има две одредби во Деловникот кои укажуваат на тоа да се пресметува пауза во рамки на седница за пратенички прашања. Првата, е таа што има одредба од Деловникот која е одредена кога треба да заврши, тогаш не можеме паузите да ги сметаме, на пример буџетот се носи пет дена, или ребалансот три дена или некои интерпелација до 12 часот навечер. Кога има јасна одредба кога се вели два часа, тогаш тие два часа се предвидени. Второто, се вели дека пратеничките прашања започнуваат по утврдување на дневниот ред. Утврдувањето на дневниот ред беше во 11:30 и тие почнуваат да течат од тоа време, два часа. Сега, ако не ги користите за пратенички прашања, нормално паузата ќе ви ги истроши. Трета причина е заради тоа што министрите кои ги викаме за пратенички прашања, знаат дека се два часа и тие го планираат времето од тие два часа да се тука. И четврто, традицијата. Значи, за овие две и пол години откако почна да се применува овој институт пратенички прашања, секогаш почнувале во 11:00, 11:30 и завршувале во 1:30, 2:00. Но, нормално, штом опозицијата имаше поинакво мислење, имаше различна интерпретација, мислам дека имаше слух и од мнозинството, се договоривме дека во ред нема да ја сметаме паузата, но и да бидеме внимателни, особено опозицијата да не бара пауза, да не си го крати своето време. Значи, се договоривме така некако џентлменски да внимаваме во иднина. Ако има пауза, ќе гледаме да не се смета тоа во тие два часа во иднина. Но, дотогаш такви беа размислувањата и одредбите во Деловникот – рече тој.
Во врска со присуството на министрите на седниците за пратенички прашања, претседателот на Собранието оцени дека состојбата е подобрена во споредба со претходните години.
-За време на опозициските прашања, точно се знае за кој министер ќе се поставува прашање. И на пример, првото прашање требаше да го постави Јован Митрески и точно се знаеше кој треба да биде во сала. Тие двајца беа во сала, другите не мора да седат тука, не се обврзани ниту според Деловник или редовни прашања. Министрите треба да се во сала, но ќе излезе некој штом поставува три прашања на три министри или на еден, другите знаат дека тие 20-30 минути се слободни, мислам дека не треба да ги држиме како заложници. Подобрено е присуството на министрите на пратенички прашања, многу подобрено отколку што беше порано. Сега, на последниве неколку седници, и редовни и опозициски, 99,9 отсто од министрите се тука, освен кога има објективни причини за отсуство – изјави Гаши.
Осврнувајќи се на забелешките од Европската комисија за зачестената употреба на скратени постапки за донесување закони, Гаши рече дека како претседател на Собранието повеќе пати укажувал на потребата од поширока дебата.
-Сме разговарале и со премиерот и со министрите. За жал, се случува предлозите што доаѓаат од Владата по скратена постапка да се намалат, но од пратениците да се зголеми бројот, што исто така не е добро. Сепак мислам дека се подобрува дебатата и дека повеќето суштински закони доаѓаат во редовна постапка – рече претседателот на Собранието.
Околу надзорната расправа за Алта банка, претседателот на Собранието рече дека таа била организирана во најкус можен рок и дека понатамошниот тек зависи од Комисијата за финансирање и буџет.
-Битно е што ние како Собрание и мислам дека сите политички партии беа согласни таа надзорна расправа да се организира во најбрз можен рок и мислам дека е добро што почна тој процес и многу ставови се разјаснија – рече Гаши.
Во однос на Анкетната комисија за трагедијата во Кочани, тој изјави дека според информациите со кои располага, на политичко ниво се разговара за предлозите ,за заклучоци доставени од родителите на настраданите.
-Што се однесува до Анкетната комисија за Кочани, имам најава дека родителите пратиле некои предлози за заклучоци. Зе разговара на политичко ниво. Според моите најави што ги имам од контактите со политичките партии, оптимист сум дека многу брзо ќе имаме решение. Во рамките на постојаната анкетна. Прво е таму заглавено, треба тие заклучоци да се донесат, тоа ќе отвори простор и за другите – рече тој.
Во однос на Кривичниот законик, Гаши истакна дека предлогот сѐ уште е во владина процедура и дека Собранието не располага со конечниот текст.
-Не сум запознаен точно. Како што знаете Кривичниот законик е уште во процедура пред да стигне во Собрание. Се надевам дека штом ќе добијат фидбек од Европската комисија ќе одлучат дали ќе ги прифатат тие насоки или сугестии и штом ќе влезе во Собрание тогаш ќе можеме да знаеме точно за што се работи. Јас лично уште не сум ги видел промените, но штом подолго време се подготвуваат, се надевам дека ќе бидат подлабински – изјави Гаши.
Предлог-буџетот за 2027 година, според предвидените деловнички рокови, се очекува да биде ставен на дневен ред на седницата на 9 декември, а доколку расправата заврши навреме, на 10 декември би се одржале и опозициски пратенички прашања.
Тој информираше дека Законот за трансформација на работен однос веќе е доставен до Собранието и ќе биде ставен на една од наредните седници, најверојатно на седницата закажана за 1 декември. Во однос на законот за правосуден испит, посочи дека нацрт-текстот е испратен до Венециската комисија и оти по добивањето на мислењето се очекува Владата да го достави во собраниска процедура. Гаши соопшти и дека до Собранието сѐ уште не се пристигнати измените на Законот за семејно насилство, кои ги најави министерот за внатрешни работи Панче Тошковски.
За законот за правична застапеност, Гаши рече дека ќе биде ставен на дневен ред кога ќе се создадат услови за негово усвојување и ќе се постигне политички договор.
-Работиме на случајот да дојдеме до договор. Парламентарната демократија бара дијалог, бара трпение и јас се трудам овој простор да го обезбедам. Дијалогот за Бадентер е повеќедимензионален, не се разговара на сите теми со опозицијата и внатре во мнозинството. Не, на сите нивоа, но обично се разговара со лидерите, со тие со кои треба сепак некој политички став да се донесе, па потоа ако некој од пратениците не се согласи со ставот на својата партија, тоа е друга тема. Не ви реков дека зборувам само со лидерите, ви реков дека зборуваме и со пратеници, и со лидери. Па ако треба и со Ахмети ќе зборувам, зошто да не, јас сум отворен, немам никаков проблем да разговарам со никого – рече тој.
Гаши соопшти дека до крајот на ноември предвидени се да се одржат уште две седници, од кои едната на 18 ноември, а втората на 26 ноември кога ќе се одржат редовните пратенички прашања. За декември, како што информираше, е веќе закажана седница на 1 декември, а можно е да биде свикана и седница на 3 декември, на која како прва точка би се разгледувала интерпелацијата за министерот за локална самоуправа.

