Секое десетто бебе во светот се раѓа пред 37-мата гестациска недела со што предвременото раѓање останува еден од значајните предизвици во неонаталната медицина. За овие новороденчиња, борбата за живот започнува уште во првите моменти по раѓањето, кога незрелоста на органите и органските системи бара посебна медицинска грижа, а за родителите започнува период исполнет со неизвесност, страв и надеж.

По повод Светскиот ден на предвремено родените деца, кој се одбележува на 15 ноември, д-р Александра Христова, неонатолог во Куманово, вели дека медицинската грижа за овие деца не завршува со стабилизирањето на нивната состојба и отпуштањето од болница. Напротив, следењето на растот, невролошкиот и моторниот развој, видот, слухот и општото здравје продолжува во текот на првите години од животот.
Предвремено родено или недоносено се смета секое бебе родено пред навршени 37 недели од бременоста. Поради недоволната зрелост на органите, првите денови по раѓањето се особено критични, а најчестите проблеми се поврзани со дишењето, одржувањето на телесната температура, исхраната и зголемената подложност на инфекции.

– Бидејќи нивните органи немале доволно време целосно да созреат во мајчината утроба, првите денови се критични. Најчесто се соочуваме со незрелост на белите дробови и потреба од респираторна поддршка, вулнерабилност на мозокот, тешкотии при одржување на телесната температура, неможност за координирано цицање и голтање, незрелост на системот за варење на храната, како и зголемена подложност на инфекции. Нашата цел е да им ги обезбедиме условите што ги имале во матката на мајката, сè додека не зајакнат доволно за самостоен живот, објаснува Христова.
Овогодишното одбележување на Светскиот ден на предвремено родените деца е под мотото „Мали бебиња, голем потенцијал. Инвестирајте во понатамошна нега за да ја заштитите нивната иднина!“, со акцент на грижата што им е потребна на децата и по излегувањето од болница. Докторката нагласува дека отпуштањето од болница е голем успех, но не значи и завршување на медицинското следење, бидејќи органите и нервниот систем на предвремено родените деца продолжуваат да созреваат и во домашни услови.

Затоа е потребен мултидисциплинарен пристап во кој се вклучени педијатар, невролог, физијатар, офталмолог и оториноларинголог. Следењето опфаќа процена на исхраната и внесот на потребните хранливи материи, меѓу кои протеини, железо, витамин Д и омега 3 масни киселини. Редовно се следат телесната тежина, должината и обемот на главата, како и развојот на видот, слухот и општата здравствена состојба. Особено значајни се раната интервенција и физикалната терапија, со кои се поттикнува правилниот моторен развој, како и следењето на развојот на говорот и психолошката поддршка за семејствата. Интензивното следење најчесто трае до втората или третата година од животот, но кај децата родени со екстремно ниска родилна тежина или пред 28-мата гестациска недела може да продолжи и до поаѓањето на училиште. Прегледите се најчести во првата година, а напредокот на детето се проценува според коригираната возраст, односно возраста приспособена на времето кога требало да се роди доколку бременоста траела до терминот. Првата контрола обично се прави 48 часа до две недели по исписот од болница, а потоа следуваат прегледи на возраст од еден, три, шест, девет и 12 месеци. Во втората година контролите се вршат на шест месеци, а потоа најмалку еднаш годишно до шестата или седмата година, кога се проценува и подготвеноста за училиште. Значајна улога во закрепнувањето и развојот имаат и родителите, кои не треба да бидат само набљудувачи, туку активен дел од грижата за детето. Една од препорачаните практики е кенгур-негата, односно директниот контакт кожа на кожа меѓу бебето и мајката или таткото.

– Методот кенгур-нега има докажано лековито дејство. Ја стабилизира работата на срцето и дишењето на бебето, го поттикнува лачењето на мајчиното млеко, кое е незаменливо за недоносените бебиња, и го намалува стресот кај родителите. Близината и гласот на родителот им даваат чувство на сигурност на предвремено родените бебиња -вели д-р Христова.
Причините за предвремено породување се различни и можат да бидат поврзани со повеќеплодова бременост, хронични заболувања кај мајката, како висок крвен притисок и дијабетес, инфекции, но и со животниот стил и стресот. Сепак, кај значителен дел од случаите не може да се утврди конкретната причина. Редовните гинеколошки прегледи за време на бременоста се особено важни за следење на состојбата на мајката и плодот, како и за навремено препознавање на евентуалните ризици. Зад медицинските процедури, контролите и неизвесноста низ која минуваат семејствата, останува и потребата од емоционална поддршка. Родителите на предвремено родените деца се соочуваат со специфични стравови, поради што довербата во медицинскиот тим, трпението и психолошката помош се важен дел од процесот.

– Би им порачала да веруваат во силата на своите деца. Тие можеби изгледаат кревки и мали, но носат неверојатна борбеност во себе. Потребни се многу трпение, љубов и доверба во медицинскиот тим. Не плашете се да побарате психолошка поддршка кога ви е тешко, бидејќи на тие мали борци им се потребни смирени и силни родители, порачува д-р Александра Христова.
Пораката од Светскиот ден на предвремено родените деца е дека нивниот потенцијал не треба да се мери според тежината со која се родени или времето поминато во инкубатор, туку дека секое дете има потреба од соодветна, континуирана здравствена грижа, рана поддршка и услови за правилен раст и развој.

